Повод за оваа колумна ми даде Бранко Тричковски со неговата колумна „ВМРО-ДПМНЕ или пропаѓањето на злото“ објавена во „Слободен печат„ од 26-27 мај 2018 година. Јас одамна и сега размислувам каква е партијата ДПМНЕ, тие си ја викаат ВМРО-ДПМНЕ, од формирањето до сега, секогаш е многу чудна, да не кажам не нормална.
Еве зошто. Уште со формирањето од нивниот идеен татко Драган Богдановски со претседател Љубчо Горгиевски, членовите на оваа партија потекнуваат од селските, градските работнички структури кои вообичаено се лепат на националистички реторики. Интелектуалци малку имаше во нивното членство и тоа што го имаше обично беа квази интелектуалци, подобро да се изразам прави интелектуалци многу малку имаше. Ако се сеќавате партијата имаше т.н. Совет на интелектуалци на чело со покојниот Никола Кљусев, што го потврдува мојот заклучок дека интелектуалците беа ретко членство, кое тело требаше да служи како советодавно на раководството на партијата. Примитивното однесување на членството од почетокот го објаснувам на нивната младост и не искуство, но случувањата после тоа укажува на нешто друго – станува систем.
Прв пат партијата ДПМНЕ дојде на власт во 1998 година со Љубчо Горгиевски за премиер на Влада, не сметајќи ја техничката влада на Никола Кљусев. Владата на ДПМНЕ не се покажа како дорасната да води држава, што резултираше со војната со Албанците во 2001 година. Но во друго е проблемот. И покрај тоа што „не ги биваше„ плус предизвикаа војна која не знаеја како да ја менаџираат, Љупчо Горгиевски како лидер на партијата и премиер само за две година „заработи“ над 200 милиони евра, според некои шпекулации! Ако се сеќавате и самиот Љубчо Горгиевски призна дека заработил, читај украл, како еден просечен бизнисмен. Веќе партијата ДПМНЕ кога е на власт ги покажа првите симптоми на криминална партија на која власта ја практикува не да ја развива државата туку за крадење и лично збогатување.
Кога партијата ДПМНЕ во 2006 година дојде пак на власт со Никола Груевски за премиер на Влада, партијата ја етаблира, постави војничка хиерархија, воспостави совршена структура со јаки општински комитети со свои луѓе на чело и таа разработена партиска структура успешно ја користеше за избори, а тие се превеа на секоја втора година во периодот до 2016 година. На државен план Владата на Никола Груевски воспостави партиски инсталации во сите државни институции, во судството и обвинителството, ја партизира до максимални граници јавната администрација, всушност целата држава стана партиска држава на ДПМНЕ, исто како во едноумниот социјализам. Ова се познати работи, посебно што го преживеевме тој режимски систем во Македонија под апсолутна контрола на Никола Груевски. Беше ми зборот друго. Откако ја консолидира партијата, откако ја партизира целата држава вклучувајќи го и правосудниот систем, медиумите, па така после 2008 година наваму се даде на плачкање на државата. Намерно го употребив зборот плачкање зошто се работи за големи пари, а крадење е за мали пари. Спрема некои шпекулации се претпоставува дека за целиот период на владеење на партијата ДПМНЕ од земјата се изнесени преку 4 милијарди евра за кој износ е осиромашена земјата.
Со промена на власта, знаеме како тоа се случи, партијата ДПМНЕ стана опозиција во овие 11 месеци или нешто помалку од година дена. Пресни се сеќавањата како се однесуваше партијата ДПМНЕ како опозиција, крајно неконструктивна, деструктивна, одмазнички затоа што некој друг им ја земал државата која била нивна, примитивно без никаква елементарна култура да не заборам за политичка култура, без срам и морал … едноставно по секоја цена сакаа да го парализираат Парламентот и да изборат нови парламентарни избори на кои, по нивно мислење, пак да дојдат на власт. Локалните избори ги пробуди од сон, ги изгубија катастрофално и остана само со 3 селски и 1 градски градоначалник.
После локалните избори дојде до смена на лидерската функција на партијата ДПМНЕ, со назначување на Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Смената настана пред 5-6 месеци, но политиката и однесување на партијата како опозиција не се промени. Никола Груевски си постави човек по негова мера, дури Мицкоски почна и да го надминува неговиот ментор почесен претседател на партијата во целокупното делување на ДПМНЕ како опозициона партија исти како и пред смена на лидерите. Се сеќавам на еден разговор со покојниот мој професор Никола Кљусев, некаде во 1987-1988 година, вели, замислете на некој општински комитет на КПМ да поставите еден глуп секретар, тој понатаму на сите раководни места во општината ќе поставува поглупи луѓе од него. Не се работи за глупоста, Никола Груевски си постави човек по негова мера, ептен приврзан, лојален, крајно послушен – подобар не можел да најде.
Со доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата ДПМНЕ ништо не се промени во делувањето на партијата како опозиција, таа и понатаму е крајно деструктивна, ги кочи донесување на законите во Парламентот, а кај што се бара двотретински мнозинство кај реформските закони не ги гласа или ја уценува Владата на СДСМ за отстапки што таа не е спреман да ги даде. Го слушам Мицкоски и му се чудам на паметот, вели, Владата на СДСМ не ги донесува законите за реформи, не спроведува реформи кои ги вети на граѓаните а јавноста знае дека тие не можат да се донесат без гласовите на опозицијата! Каква перфидност и безобразност. Во поглед на преговорите за името опозицијата ДПМНЕ се однесува како чаршиски сеирџија, глуми неинформираност, и по секоја цена прави тие да не успеат. Да не ги редам сите опструкции што ги прави опозицијата партијата ДПМНЕ и по мое мислење нема шанси тоа да се промени. ДПМНЕ сега игра на картата да предизвика предвремени парламентарни избори. Првиот почеток за паѓање на Владата на Заев, според нивно мислење, е 2-ри јуни кога е закажан протест на партијата ДПМНЕ, а како тоа ќе го изведат они си знаат. Мене ми личи како басната за лисицата и овенот, кога мислела дека мадињата, кои висат до земјата, ќе му паднат.
Што е заклучокот. Партијата ДПМНЕ нема некои стратегиски цели во интерес на Македонија за нејзиниот развој и подобрување на животниот стандард на народот и покрај тоа што тоа е напишано во нивната Програма. Програмата ја користат за манипулација со избирачите, и со многу познати манипулации да не навлегуваме во нив, за добивање на изборите и доаѓање на власт. Откако ќе дојдат на власт, тие преку разработен популизам создаваат виртуелна стварност дека земјата се развива, се гради, се вработува, економијата оди напред, стандардот се подобрува и т.н. и т.н. што пали кај добар дел од народот, посебно ако добиле некои ситни привилегии (привремено вработување и сл.). При таква „виртуелна убавина“ партијата ДПМНЕ кога е на власт единствено ја интересира плачќање на пари од буџетот преку тендери, провизии, рекет и на многу други испробани начини. Кога се во опозиција, единствено се концентрирани на деструкција, опструкција, граѓански протести се со цел пак да дојдат на власт. По нивно мислење само партијата ДПМНЕ е предодредена да биде на власт, одат по искривена логика дека државата е само нивна! Не случајно Никола Груевски ќе изјави дека тие ќе владеат 100 години. Или кога сакаше партијата ДПМНЕ да ја преобрази во општо народно движење, не партија, нешто слично на Народен фронт, НОБ и сл.
Видете каков апсурд. За цело време опозицијата ДПМНЕ ја критикува власта дека немало реформи, дека немало независно судство, партизирана администрација, непотизам, дека власта била корумпирана, дека имало криминал, државата била заробена и да не должам, едноставно ја критикува власта за оние работи што тие кога беа на власт истото постоеше во невидени граници. Човек не може да разбере, дали овие луѓе мислат дека тоа што го правеле тие како власт сега за истите работи ја критикуваат новата власт што тоа не го прави, напротив се бори да ги отклоне. Не би рекол дека тие се толку глупави, тоа е нивна тактика „се прават на Тошо„ а сите нас не прават будали. Невиден апсурд!
Тоа беше за партијата ДПМНЕ. Да се вратиме на поедините членови на партијата. Тоа е посебна прикаска. Од секогаш сум се прашувал, а и сега тоа не ми е јасно, како е возможно сите членови на партијата исто да мислат. Всушност тие не мислат за некакви стратешки цели на партијата, сите до еден, без исклучок, ја напаѓаат конкурентската партија СДСМ, особено нивниот лидер, порано Бранко Црвенковски а сега Зоран Заев. Кога разговараш со било кој нивни член, онака на простачки начин ќе обруси како Заев е криминалец, Грујче е злато човек, ајде да идеме на избори и зошто не сакате, името ќе го продадете и многу други глупости сите поврзани со навреди и омаловажување на Заев. Тоа е чудо невидено! Јас не можам да си објаснам што се случува!
Со право Бранко Тричковски ваквото едноумие кај членовите на ДПМНЕ го објаснува на алегоричен начин дека сите имаат чип во мозокот (чипирани) за да исто мислат. Во колумната што на почетокот ја спомнав, Бранко Тричковски пишува, цитираме: „за да бидеш ДПМНЕ-овец треба нешто сериозно да ти фали во главата. Ако таа вмровска матрица ти е блиску и ако сметаш дека е исправна, обавезно треба да се обратиш на психијатар и да побараш стручна помош“.
Во констатациите се согласуваме, но што да се прави во ваква ненормална ситуација, посебно кога зад таквото ненормално однесување на партијата ДПМНЕ стојат сите нивни членови без исклучок и дел од простиот и не информиран народ?! Јас немам одговор …
Во следната моја колумна ќе се обидам да дадам мој одговор, повеќе решение…