Повеќе од половина милион евра годишно за советување на Заев ВИДЕО

507

Советниците коишто го советуваат премиерот Зоран Заев, граѓаните ги чинат вкупно 45.783 евра месечно или речиси над половина милион евра годишно. ТВ21 обезбеди документ од владиниот кабинет за 55 експерти коишто го советуваат премиерот Заев.

Според официјални податоци 10 советници, 13 специјални советници и 32 надворешни соработници се ангажирани во кабинетот на премиерот во периодот од јули 2017 до март 2018 година.

Според пресметките, просечната плата на овие експерти изнесува 950 евра месечно, односно 11.450 евра годишно.

– 10 Советници заедно примаат месечна бруто плата 10.588.00 евра или над 127 илјади евра годишно. 13 специјални советници добиваат месечна бруто плата од 15.870.00 евра или 190 илјади евра годишно – Влада на РМ, Кабинет на премиерот.

Од почетната листа со 56 советници повлечен е Џезаир Шаќири, познат како Командант Хоџа, кој беше назначен за надворешен соработник за внатрешна безбедност и борба против радикализмот. Со највисока месечна плата од 1.500 евра, на чело на листата е Зоран Башановиќ, надворешен соработник за економски прашања. 7 од надворешните соработници се доброволно ангажирани, без паричен надомест.

– 32 надворешни соработници добиваат хонорар, ангажирани се со едногодишен договор и за нив не се плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Месечните приходи за сите надворешни соработници ја достигнуваат бројката од 19.355.00 евра месечно, или 232 илјади евра годишно – Влада на РМ.

Од Здружението на даночните советници на Македонија велат дека големиот број советници се непотребен товар за граѓаните. Претседателот на ова здружение, Павле Гацов, рече дека владата имала вработени лица по секторите, кои се квалификувани за вршење на истата функција без притоа да има потреба од посебни советници или надворешни соработници во кабинетот на Заев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...