Мицотакис: Можеме да живееме уште 2-3 години со нерешеното прашање за името

1095
ФОТО: EPA/ORESTIS PANAGIOTOU

Доколку имам политичка одговорност, спорот со името ќе се реши кога ќе оценам дека тоа решение ќе им служи на националните интереси, вели претседателот на грчката опозициска Нова демократија во интервју за грчката телевизија „Скај“ во однос на тоа кои би биле неговите чекори во разговорите за името, доколку стане премиер, а доколку преговорите сега не донесат договор.

– Дваесет години живееме со овој проблем, со ова нерешено прашање, според тоа можеме да живееме уште 2-3 години. Доколку јас имам политичка одговорност, проблемот ќе се реши, кога ќе оценам дека ова решение ќе им служи на националните интереси – вели Мицотакис и додава дека неговата партија никогаш не рекла дека не сака решение, но потребно е тоа да биде согласно со грчките услови.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, лидерот на Нова Демократија, објасни дека националната рамка за решение што ја поставуваат тие, не се фокусира само на прашањето со името, туку како неопходен услов ги поставува „уставната ревизија и елиминација на иредентизмот за да може да постои комплетен пакет договор“. Мицотакис во интервјуто објаснува дека само доколку има конкретни информации за евентуален предлог и договор, тогаш јавно ќе коментира.

– Решението треба да е комплетно решение што ќе ја има уставната ревизија како неопходен услов за да одиме напред кон следната фаза, не само затоа што Уставот ни обезбедува дека на овој начин ќе постои цврста политичка обврска, туку ќе значи дека се создадени такви внатрешни политички рамнотежи во Скопје, со што и нашите соседи ќе сфаќаат дека треба да се најде решение на овој конкретен начин. Само доколку имам конкретни информации и конкретно известување, тогаш ќе можам да излезам со став, како што изразив став кога премиерот ми се јави на телефон и ми го потврди она што веќе беше објавено, дека разговара за името Република Илинден – рече претседателот на Нова демократија и додава дека е јасно дека „владата разговараше за конкретното име“, за кое вели дека е „ерга омнес на иредентизмот“.

– Тоа е најлошото можно име. Тоа е ерга омнес на иредентизмот. Го гледаме сирењето, а не ја гледаме стапицата, бидејќи името сугерира на иредентистичките визии на соседната земја – коментира Мицотакис.

Во однос на јавното мислење во Грција и ставот на голем дел од Грците дека во името не треба да биде вклучен терминот Македонија, лидерот на најголемата грчка опозициска партија вели дека не може да се игнорира фактот што дел од јавноста „ова прашање го гледа со голем степен на чувствителност“, но и тоа дека Грците, кои по осум години криза се „чувствуваат дека се подложни на низа економски порази, не се во можност, како што самите тие го сфаќаат тоа, да бидат подложени на нешто што самите го гледаат како национална отстапка“.

Мицотакис во интервјуто за грчката телевизија „Скај“ вели дека никогаш не бил подложен на притисоци во однос на прашањето за името и потенцира дека неговата партија ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, но само доколку се исполнат предусловите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...