Поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, Сулејман Реџепи, во емисијата „Во Фокус“ на телевизијата Арт Ченл со новинарот Реан Саити, ги демантираше информациите кои се пласираа во некои македонски медиуми дека ја повикувал муслиманската популација во Македонија да го поддржи Зоран Заев, пишува порталот на албански јазик Флака.
Реџепи вели дека Заев, тогашен лидер на опозицијата бил тој кој што побарал помош од поглаварот на ИВЗ за да се сретне со лидерот на ДУИ, Али Ахмети во периодот пред парламентарните избори.
Поглаварот на ИВЗ вели дека го „исполнил аманетот“, но останува на ставот дека ветувањата кои му ги дал Заев за имотот на ИВЗ, и после една година на власт не успеал да ги реализира.
-Тој ми вети дека ако дојде на власт, ќе ги врати сите имоти на ИВЗ само со една одлука. Кога го прашав со кој памет ги даде овие ветувања тој немаше одговор. Јас „бомбата“ на Заев ја имам во џебот и сум му кажал дека кога тогаш ќе ја употребам, вели поглаварот на ИВЗ.
Реџепи останува на ставот дека државата за некоја верска заедница е мајка, а за други маќеа. Тој вели дека МПЦ има привилегии и е фаворизирана од страна на државата, а ИВЗ не ги има тие привилегии. За време на претходната влада, вели Реџепи, привилегиите за МПЦ доаѓаа од центарот на ВМРО-ДПМНЕ и од лидерот на оваа партија Никола Груевски. Тој вели дека албанските партии немале ваква сила.