Повеќе од очигледно е дека во државава многу нешта се трули!? И покрај позитивната препорака од Европската Комисија јасно ни беше посочено, не само сега, туку и во сите досегашни извештаи што треба да реформираме за да имаме реален напредок, реагира ГДУ.
– Во редот сме на оние кои во повеќе наврати добронамерно искажуваа загриженост од сериозно отсуство на реформи во клучните области – владеење на правото, борба против организиран криминал и корупција, реформи во администрацијата, човековите права и цивилна и ефикасна контрола врз разузнавачката заедница – а треба ли воопшто да се проговори за медиумите во земјава – стои во соопштението.
Оттука, содржината на најновиот нон пејпер, ја валоризира таквата загриженост како оправдана. Едноставно, нема суштински напредок во спроведувањето на реформите.
Востановената „соработка“ со избраните судии од ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ кои ги користат како инструмент низ годиниве си продолжува. Тоа е таа пракса, за која „консензус” во Македонија сегогаш се наоѓа!
Господата Заев и Мицкоски лесно се договарија за ДИК каде што повторно ќе си наместат свои кадри, се усогласија за финансирањето на партиите, ама со реформите потешко им оди.
Гротескниот танц на СДСМ и ДПМНЕ во кој пред избори најавуваат бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, трае и трае…. а бројчаникот уште го чекаме за да видиме колку не испокрале, и уште поважно, колкумина се казнети и колку од украденото е вратено во „џебовите” граѓаните?
Само малку, во моментов Македонија нема и Државна комисија за спречување на корупцијата, ( а пак и кога ја имавме таа спиеше или чекаше партиски инструкции за да сработи нешто.)
Администрацијата ја дополнивме со уште партиски кадри, кои мораше да се „вдомат“ за сработеното во кампањата, а не заради квалитети кои ги поседуваат.
Е, па затоа ќе тапкаме во место – но не и племенско партиските главатари, нив допрва ќе ги учат на „елементарно домашно воспитување”.
Дали треба да бараме одговорност од парламентарните партии, секако, Нон-пејперот испратен од неколку држави треба да биде шлаканица за нас, за јавноста, за сите слободољубиви и правдољубиви во земјава – реформите не се желба, тие се избор, а ние тој избор веќе го направивме.