Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров утре и задутре ќе престојува во работна посета на Брисел.
Како што соопшти МНР, во рамките на посетата, Димитров утре ќе учествува на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија, организиран во рамките на бугарското претседателство со Советот на ЕУ, претстојното австриско претседавање и во пресрет на Советот за надворешни работи на ЕУ. Дискусиите ќе бидат фокусирани на евроинтегративните процеси на Република Македонија, имплементацијата на реформската агенда на Владата, како и добрососедските односи.
Министерот Димитров на 29 мај ќе има обраќање во бриселскиот тинк-тенк Европски центар за политики (ЕПЦ) на тема: “The Macedonian name dispute: a test for EU enlargement to the Balkans“.
За време на престојот во Брисел, министерот Никола Димитров ќе оствари средби со претставници од институциите на ЕУ и неколку министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ.
По последната средба за името во Њујорк со шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, медијаторот Метју Нимиц кажа дека преговорите ќе продолжат во Брисел. Од МНР засега не соопштуваат дали во Брисел ќе има средба на Димитров со Коѕиас.