Ги читам завршните зборови на Никола Груевски за предметот „Тенк„ (на 23 мај 2018) и се чудам на резонот на целата партија ДПМНЕ, посебно на поранешниот и сегашниот лидер на партијата. Ќе наведам некои извадоци од завршниот говор.
На пример: Ова судење во овој предмет е дел од една политичко – судска хајка, еден класичен политички прогон во кој сум нападнат јас и повеќе мои соработници… политичка тортура…нелегално стекнатите и креирани снимки, под надворешен притисок, судот да ги третира како легални… Освен наше рушење овој прогон има и цел за притисок врз нас, врз опозицијата и врз македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои не се согласуваат со редефинирањето на државата, откажувањето од националните интереси и решение на спорот за името по терк на јужниот сосед… марионетската власт предводена од Зоран Заев, со притисокот кој го направи и се уште го прави врз судството, сака со сите сили да ме понижи и оцрни колку што можат повеќе … овој политичко судски прогон кој е казна за мојата позиција и цврстина за македонските интереси… мене ми е чест што не го изневерив македонскиот народ… овој фабрикуван предмет, во кој нема никакви докази против мене, се одвиваше мошне брзо …
Мој коментар. Никола Груевски, Вие сте оптужен за кривично дело, не сте премиер на држава за да држите политичка тирада што Судот воопшто не го интересира. Такви глупости кажувајте на друго место, не во Судот. Најпаметно Ви е да го оставете вашиот наследник за лидер на ДПМНЕ кој истите тие ваши политички ставови ги блебека на секаде, па Вашата помош не му е потребна, сметајте на него тој е добра Ваша копија, просто клониран Никола Груевски! Концентрирајте се на судските процеси кои засега се пет на број, а може да се очекуваат уште.
Исказите на Христијан Мицкоски од Интервјуто со Заев од 23 мај 2018 година (извадоци и парафразирано):
На прашањето за судството за Мицкоски најважно беше да истакне дека Заев е два пати аболиран, за случајот „Космос„ и „Пуч„ а се очекува да биде аболиран и трет пат за случајот „Поткуп„. Посебно истакна некој случај од 2014 година за купување на градежно земјиште од брат му Вице а кое претходно било купено од некој друг.
Одма да му одговорам. За случајот „Космос„ Заев беше обвинет дека проневерил 8 милиони евра со изградбата на објектот. Објектот „Космос„ е изграден за 8 милиони евра со јавно – приватно партнерство, па доколку украл толку пари ќе немало објект. И за бруцош на правни факултет е јасно дека овде се работи за наместено обвинение за да го склонат Заев од политичката сцена што беше врвна специјалност на Никола Груевски и на Владата на ДПМНЕ за одмазда и склонување на политичките противници. Вториот случај, „Пуч„, Никола Груевски во негов стил, правеше некакви детски местенки дека странски служби снимале, те жолти комбиња, те пари плаќале и Заев требаше да биде суден како странски шпион со очекувана затворска казна од 10 години, без право на аболиција. Тоа го правеше за да го притвори и да на се објавуваат „бомбите„ од негова страна. Недоквакано смислено како и секоја местенка. За случајот за купување на градежното земјиште од брат му на Заев, Вице, ако имало кривично дело во 2014 година зошто тогаш Владата на ДПМНЕ не покрена обвинение! А можеби случајот е оставен намерно за да има и Мицкоски материјал за напаѓање!
На ено од прашањата за преговорите за името, Мицкоски ќе одговори дека се води егзибиционистички процес кој, вели, нема добро да заврши и го кажа ставот на ВМРО – ДПМНЕ (изговорено брзо) дека нема да дозволат промена на Уставот заради промена на уставното име.
Мој коментар. Со Вашиот израз егзибиционизам сакате да кажете дека со преговарачкиот процес се прави егзибиција нешто како претстава, можеби некаква циркуска претстава. Знаете дека со тоа го омаловажувате преговарачкиот процес за името што е подржан од Меѓународната заедница, Америка под покровителство на Обединетите нации, што не е во ред од Ваша страна да се правите попаметни а со тоа и не сериозни. Да Ве потсетам г-дин Мицкоски, Владата на ДПМНЕ предводена од Никола Груевски не само што во тие десет години кога бевте на власт не преговарате, туку со смешната антиквизација направивте непроценливи штета што сега тоа се одразува на преговорите поради што Грците сега имаат максималистички барања со барањето за промена на Уставот. Дали Вие и Вашата партија сте свесни какво зло сте направиле на Македонија и сега на место да се срамите или во најмала рака да се извинете, Вие попувате. Што се однесува до промена на Уставот, право е на партијата ДПМНЕ да има таков став.
Што се однесува до прашањата од економијата, третиот циклус од Интервјуто, Вие г-дин Мицкоски ги дававте истите одговори, од а до ш, во интервјуто со Чоновски на ТВ Телма од 3 април 2018 година па затоа нема да се осврнувам на овој дел. Да потсетам, во мојата колумна „Разговори со Мицкоски за економијата„ објавена во Плус Инфо од 09.04.2018 година ги коментирав Вашите одговори кои се идентични со оние од Интервјуто со Заев. Да не се повторувам. Интересно е дека за економијата Вие на сите ваши истапи, интервјуа и било каде повторувате едно исто, онака папагалски. Дај научете да ја разберете економијата и бидете по логични.
Општо земено,. Мицкоски се служи со груби напади и навреди на Заев, еве ќе наведам неколку примери. Негови зборови: „Начинот на кој што Зоран Заев пристапува кон суштинските прашања е крајно несериозен и загрижува… Зоран Заев е неспособен… Зоран Заев го урнисал целокупниот преговарачки процес… Најголем капитал на една држава е народот, а Зоран Заев го потценува народот… На народот му требаат чесни политичар (како Никола Груевски, а не Заев криминалецот, н.з.) кои што ќе ја водат целокупната обнова на македонската држава… ова една година како е на власт СДСМ ја одбележале со чемер и јад, па антивладиниот протест на 2 јуни ќе биде почетокот на падот на Заев (изјава во Штип) … Синоќашниот настап на јавноста предизвика сериозна загриженост во однос на капацитетот на Заев и неговата влада заради правецот во кој во иднина ќе се движи Република Македонија… Зоран во вчерашното интервју лажеше… Човек што е два пати аболициран за криминал веројатно со ваквите дезинформации сака да се подготви за трета амнестија за случајот „Поткуп„ (од неговиот профил на фејсбук)„ …
Сублимирано, партијата ДПМНЕ, претходниот лидер и сегашниот се окупирани со две работи: првата, секогаш се повикуваат и се поистоветуваат со народот и втората, секогаш се опсесирани и го напаѓаат Зоран Заев (порано Бранко Црвенковски).
Прво да почнеме со народот кој од уста на го вадат. Ваквото однесување со повикување на, и поистоветување со, народот е фашистичко однесување својствено на сите диктатори без исклучок, па не треба да биде својствено на една модерна конзервативна партија каква што партијата ДПМНЕ се претставува. Да се потсетиме на парламентарните избори во 2016 година, ДПМНЕ заедно со коалицијата доби 51 пратеник што претставува 42,5% од вкупниот број на гласачи, па според ова мерило, ДПМНЕ може да се повикува само на овој процент од народот, а на останатите 57,5% од народот не може да се повикува.
Што се однесува до нападите и навредите на Зоран Заев од страна на ДПМНЕ и нејзините поранешен и сегашен лидер, ќе се повикам на една психолошка работа. Обично неспособен човек се докажува дека е најдобар и се „нај нај„ го напаѓа противникот па така црнејќи го него како лош тој во неговите очи станува подобар од противникот и така се рекламира. Способните луѓе се докажуваат со работа, со резултати и така стекнуваат признат авторитет, тие не се рекламираат едноставно околината ги прифаќа како способни, добри и авторитетни луѓе. Во случајот г-динот Мицкоски се чувствува инфериорен спрема Заев па со неговото напаѓање гради авторитет, по онаа искривена логика „ако Заев е криминалец и неспособен, јас сум чесен и поспособен од него„. и
На крајот да го оцениме дуелот Заев – Мицкоски од 23 мај 2018 годна. Ако ги оценуваме двете страни со оценки од 1 до 10, во таков случај Заев има добиено чиста 10 а Мицкоски 1. Тоа е мое мислење.