Петар Колев, претседател на Граѓанско Демократската Унија (ГДУ) реагира на непрофесионалноста и неинформираноста на некои медиуми во земјава кои информирале за бугарската идеја за заеднички дипломатски претставништва, иницирана од премиерот Бојко Борисов.
Ви ја пренесуваме реакцијата во целост:
„Изненаден сум од ниската професионалност и неинформираност на дел од македонските новинари. Идејата за заеднички дипломатски претставништва е споделена со јавноста од г-ѓа Екатерина Захариева, министер за надворешни работи во соседна Република Бугарија. Во своето излагање во утринската емисија на Бугарската национална телевизија, таа соопшти дека премиерот на Р. Бугарија, Бојко Борисов, му предложил на својот македонски колега на местата каде што двете земји немаат дипломатски претставништва да создадат заеднички по моделот на скандинавските земји.
Мојата позиција која ја објавив на мојата Facebook страна беше со аргументи дека ваков предлог има простор да се прифати. ГДУ не е иницијатор на идејата и е коректно да го одбележиме тоа.
Второ, навистина не можам да сфатам зошто дел од новинарите во земјава не разбрале или не сакаат да разберат дека ГДУ е македонски политички субјект, регистриран во Р. Македонија, согласно македонското законодавство и ги претставува идеите на граѓаните на нашава земја кои живеат, работат и си ги плаќаат даноците овде во Р. Македонија, вклучително и луѓето кои се декларираат како Македонци со бугарско потекло т.е Бугари.
Ние веруваме во граѓанскиот концепт, во филозофијата на еднаквост на граѓаните на Р. Македонија пред Уставот и законите на нашата татковина и некако не би сакале да ја прифатиме идејата за етничките концепции на политичките субјекти во Македонија. Сите обиди за саботирање се класичен пример на инсинуации и непрофесионализам, кои може само да го потврдат моето убедување дека дел од новинарите повеќе си ги сакаат своите политички ментори отколку сопствената професија и можноста да бидат слободни.
Крајно време е да се прифати реалноста дека е возможно да постои политички субјект надвор од двата табори кој е подготвен да ги опстојува своите убедувања и политичка филозофија без значење на отпорот и етикетирањето. Ние веруваме во тоа дека Македонија е и треба да биде татковина на сите нејзини граѓани. Секоја друга опција е празна политичка демагогија“, вели Петар Колев, лидер на ГДУ.