Со проектот „Ослободување на просторот“ (Freeingspace) Република Македонија ќе учествува на 16. Венециско биенале за архитектура кое почнува денеска и ќе трае до крајот на ноември.
Музејот на современата уметност е носител на нроектот кој го испитува наследството што го остави т.н. „Скопје 2014“.
Избрани се четири простори кои, според авторите, се вткаени во архитектонската и колективната меморија на Скопје и кои претрпеле коренити промени со „Скопје 2014“: платото на Македонската опера и балет и кејот на Вардар; објектот на Владата, Поштата со телекомуникацискиот центар и објектот на МЕПСО и стоковната куќа (НАМА) на плоштадот „Македонија“.
Кураторите на изложбата, Марија Мано Велевска и Слободан Велевски, на прес-конференција минатиот месец истакнаа дека појдовна идеја е современо читање на градскиот простор, односно потенцирање на вредноста на јавниот споделен простор. Според Велевски, содржината на проектот „Ослободување на просторот“ ја поставиле врз три клучни тези.
– Првата е „Скопје 2014“ не е архитектонски проект, бидејќи во себе ја нема логиката која ја има архитектонската професија – да создава јасна просторна и програмска композиција. Втора теза е дека неговата единствена вредност е што тој постои и како таков во просторна смисла физички влијае на контекстот на градот во моментот. Трето, сметаме дека современиот градски простор се темели пред сè на важноста на заедничкиот јавен простор во кој се споделува граѓанската различност или различните потреби на луѓето кои живеат заедно, рече Велевски.
Автори на проектот се: Дејан Ивановски, Филип Јовановски, Благоја Бајковски, Марина Торнатора, Лучија Ла Џуса, Алесандро Де Лука, Владо Данаилов, Мила Димитровска, Гордан Витевски, Александра Шулевска, Слободан Велевски и Марија Мано Велевска.