За „Слободен печат“ пишувам безмалку година, или пишувам цела година за „Плусинфо“, што можеби би било едно исто, па сепак, поради тоа пишување многу луѓе ме прашуваат „колку пари земам за моето пишување“ или „зошто денес не сум на насловна“. Тоа се најчестите дилеми што ги имаат моите читатели, оние што барем мене ме пресретнуваат на улица, а оние другите, за чии коментари не знам, ќе мора да ја прифатат оваа форма на комуникација во која двонасочно ќе трансферираме реченици.
Моето пишување во „Слободен печат“ го прифатив, или се обидувам да го разберам како „уметност која рефлектира“, уметност која ќе рефлектира и уметност која ќе ја трансцендира човечката положба – како оној метафизички, емотивен, „животен“ во секоја возможна смисла на зборот, така богами и онаа општествената. Не зборувам тука за онаа „теорија на одразот“ (гносеолошка теорија според која спознавањето е одраз на околниот, реалниот свет во свеста на човекот), туку се работи за тоа дека создадениот дигнитет на самиот чин на создавање не е посебно продуктивен кога уметноста влијае врз „апстрактниот свет од чисти идеи“, туку влијае на околности што повеќе или помалку се општествено условени.
Само тогаш уметноста може да биде релевантна, што значи дека само тогаш уметноста некого би интересирала, а таа неизбежна условеност мора да се види: се разбира, не „пасивно“, не така што уметничкото дело ќе стане роб на духот по налог на времето, односно не мислам на оние узурпатори што таквите налози може да ги задаваат, туку мислам на „активно“, така што духот на времето ќе ко-креира, така што сензибилниот реципиент во „тоа“ и „таква“ уметност ќе ги препознае оние исти прашања (не одговори: за нив се задолжени претенциозните, ако зборуваме право, оние тоталитарни дисциплини на духот) кои и него го мачат.
Отпор против доминантните парадигми
Ако се прашувате кој е поводот на потписникот за овие, веројатно сувишни, (пара)теоретски размислувања, се разбира дека поводот е општествено условен… Што е да речеме „критички ангажман“ (што е тоа „критичко пишување и мислење“?) на уметноста во времињата кои ги паметиме, како и оние кои сè уште траат? Тоа нужно е некоја форма (по можност луциден, смислен, естетски релевантен и разурлан) на отпор против доминантните, монополитните или кон монополитните општествено вредносни обрасци или парадигми.
Во времето на комунистичкото еднопартиско едноумие требаше најмногу граѓански, а потоа и уметничка кураж за да се доведат под прашање – или далеку било да се исмеат – клучниот топос на комунистичката идеологија, како оние глобални, така и нејзината локална „титоистичка“ варијабила.
Во текот на националистичкото лудило на 90-тите, на местото на работничката класа и партијата, заседна паганскиот „народ“, односно таканаречениот „етнос“; „уметник“ што би се судрил со сета популистичка, етноцентрична и ксенофобична фетишизација многу лесно ќе заработел етикета „предавник“. Ако не и нешто многу поконкретно од тоа.
Во Македонија, во почетокот на 90-тите од „работничката класа“ не остана речиси ништо – освен прочуениот „самоуправен менталитет“ на блажената народна маса – а богами ниту од денешните националистички врескачи не остана речиси ништо, што не значи дека и тие што се тоа нема да продолжат бескрајно да досадуваат во оваа наша „субкултура“, без разлика колку се гласни, се укажува дека се повеќе се безначајни. На местото на новото табу настапи Црквата, не која било, туку онаа што себе се нарекува ем македонска ем православна: насреде „плурализмот“ на јавното мнение и општествено-медиумско-културната сцена, настапи разногласие и шареноликост во која сите табуи – вклучувајќи ги и елементарно цивилизациските – со тресок паднаа нокаутирани за никој повеќе да не ги подигне; само што Црквата сè уште се држи колку-толку надвор од „разулавениот јавен јазик“.
Како воопшто доjде до тоа? Предолга е тоа приказна за оваа прилика, тоа е приказна која се состои во дел од општи места на Источна Европа, како и во дел од транзициски, посткомунистички трауми и бурно ревитализирани малограѓански комплекси, а дел од некои овдешни „фолклорни“ специфичности: историското наследство, како и она старинското, а никогаш упокоено племенско-авторитарно-патријархално, пресликано во новото „воено наследство“ од деведесеттите, време во кое Црквата немаше баш сосема честито место.
Ух, мајку му, се оддолжи оваа „контекстуализација“, ама сепак мислам дека не е на одмет, само колку да се потцрта: општествено релевантен уметнички „скандал“ не настанува без повод и без околности од детерминираната „цел“, како што не доаѓа од никаде, од штурото занесување на уметникот.
Поглаварот како провокација
Инспирацијата на овој мој текст е предизвикана од мој драг пријател и угледен уметник (името ќе му го премолчам, бидејќи лично бев замолен тоа да не го правам): изведе прекрасна фигура на која беше изработен владиката Стефан – прилично компромитиран за разни скандали, ама упорно заштитен од разни центри на моќ „во“ и „надвор“ од Црквата – во прилично „недолична“, дури и страшно „перверзна“ положба. Што, мислите дека станува збор за бласфемија? Ах, ништо поголемо од ругањето на Луис Буњуел со неговиот лицемерен римокатолички клер…
Уметничката инсталацијата на мојот пријател се надевам дека наскоро ќе го види „светлото на денот“, без разлика што е еден вид „плагијат“ – инсталација со која италијанскиот уметник Маурицио Кателан пред неколку години предизвика бурни реакции и големи признанија, а „јунакот“ беше Карол Војтила, односно папата Иван Павле Втори, на кој директно од небо му се перна во глава огромен метеорит… Е, тоа се вика уметност со метафизички импликации…
Без разлика што мојот пријател не сака (засега оваа инсталација да ја прикаже во јавност) да ја признае „уметничката вредност“ на своето дело, нагласувајќи ми дека не го интересирала естетската димензија, туку само таргетирана општествена провокација, можност за директна интервенција во реалноста, па ми се чини дека денес на македонското општество тоа му недостига, како и можна дебата за таквото дело: да видиме до каде е болеста со нашето клерикализирано општество!?
Што и да се случи со ова дело, за кое имам право на ваков начин да рефлектирам, дело кое можеби ќе го види, а можеби и нема да го види светлото на денот (затоа што тоа не зависи од мене, ами од самиот автор): портретот е направен во вонвременски вакуум и простор, без да го види светот, самиот чин на уметност како таква се самоукинува, односно се распаѓа во ништожност од која самата е инспирирана.
Објавено во „Слободен печат“