Читам и слушам дека младите маоисти во Владата, кои јас ги викам преторијанци, се прашувале што сака стариот (Милчин) со своите постови и изјави. И еве, решив да им ги олеснам страдањата и јавно да им соопштам што сакам и што не сакам.
Што не сакам? Не сакам да бидам консултиран ниту за преговорите за името ниту за која и да е друга владина политика. Зошто? За да не ми бидат врзани рацете јавно да ги критикувам потезите на власта (Владата и Собранието), како што ја критикував власта со која командуваше Груевски. И за да можам слободно и без обврската да бидам „добронамерен” кога ја критикувам актуелната власт за неисполентите ветувања за ЖИВОТ ЗА СИТЕ. Добронамерноста или недобронамерноста на критиката е совршено неважна доколку критиката е аргументирана и насочена кон исправање на расчекорот меѓу вербалното и фактичкото, ветеното и оствареното. Таквата критика нема потреба од толерирање или амнестирање од критикуваниот, зашто тогаш може да замириса на демагогија и да послужи за затапување на острицата на критиката.
Значи, што сакам јас?
Сакам премиерот и лидерот на СДСМ Заев доследно да го спроведе своето ветување за најавеното мартовско проветрување во владата и нејзините филијали врз основа на неспособност, злоупотреба на функциите, непотизам, клиентелизам, коруптивност и, да не редам понатаму, долга е листата. Сакам владата на Заев да направи анализа на извештајот во кој Македонија е рангирана како исклучително корумпирана земја и да им соопшти на граѓаните какви мерки ќе преземе Македонија да се одлепи од дното во следниот годишен извештај.
Имам и полесно остварливи желби. На пример, Архивот на РМ да се врати во старата зграда, а не во неа да се всели, како што слушам, некое обвинителство. Сакам заштитата на културното наследство да биде највисокиот приоритет во буџетот на Министерството за култура. Сакам веднаш да се исплатат неисплатените ученички стипендии.
Сакам да се исполни ветувањето дека парно греење нема да плаќаат оние што го откажале.
Следната желба не бара пари, бара малку морал. Сакам да видам на дело пристојност кај бившите и сегашните функционери во власта кога станува збор за финансиските повластици и луксузирањата кои се дополнителен товар за буџетот и навреда за граѓаните, особено оние кои одвај крпат крај со крај.
Сакам да му се стави крај на неформализираниот конкордат меѓу партиите на власт и МПЦ и ИВЗ.
Сакам функционерите на коалициониот партнер ДУИ кои направиле криминал да бидат изведени пред лицето на правдата. Нели граѓаните беа еднакви пред законот?
Сакам Заев да не заборава дека, доколку НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР! А правда нема. Мир има, но има и револт кој расте поради тоа што правда има само за привилегираните.
И, најпосле, сакам граѓаните на Македонија да бидат информирани за преговорите со Грција не помалку од граѓаните на Грција.
Премногу ли е ова за пречувствителните уши на преторијанците во Владата? Ајде нека повелат да го споредат моево списоче со списокот предизборни ветувања во чие составување учествуваа и тие.
(статус на Фејсбук на Владимир Милчин)