ПИСМА ОД ЛОНДОН Свадбата на Хари

Сепак, британското општество не е слепо за бојата на кожата. Напротив. Венчавката на Хари со Меган повторно ја разгоре дебатата, која сега со неа ќе добие уште повеќе „на тежина“.

1095

И така, се случи свадбата и сè помина во најдобар ред. Време, сончево и топло. Терен погоден за свадба. Стадион, пардон, црква и Виндзор исполнет до последното место, игла немаше каде да се фрли. Оние што беа среќни да добијат покана за престој во дворот, добија и торбички со шише со вода, магнет за фрижидер, чоколадо, бисквити и програма и никој ниту водата не ја испи, а „сувенирите“ веќе се препродаваат на „ибеј“. Елитата пристигна во точно време, дотерана, намирисана, главно облечена како што треба. Водителката Опра Винфри го натера тимот на креаторката Стела Макартни за 24 часа да ѝ направи розов фустан зашто заборавила дека на свадба само невестата носи бело.

Дејвид Бекам мораше да се смее двојно повеќе и за жена му Викторија, чиешто расположение одговараше на темно тегет покривката што ја носеше, Џорџ и Амал Клуни беа празник за очите, малите принцови, принцези и палавковци речиси успеаја да го украдат шоуто, ама не – главни ѕвезди беа тие, Меган и Хари. И одмерената Дорија, мајката на Меган. И, се разбира, свадбата што само во Британија ја следеа 13 милиони гледачи. Фудбалот потоа го следеа околу 9 милиони. Колку за споредба.

Имаше неколку мигови за паметење.

Кога Меган одеше сама во црквата. Во ред, татко ѝ не можеше да дојде, ама некои го протолкуваа ова симболично дека ете, не мора маж „да ја даде“ невестата. Одлично.

Кога надбискупот од Кентербери праша – кој ќе се грижи за Меган – не само Хари, не само тие во црквата, туку се слушна дека дури и луѓето надвор рекоа – „ние“.

Ниту еден ваков собир никогаш немаше слушнато некој како бискупот Мајкл Кари – тој дури 15 минути зборуваше за љубовта и на крајот, признавајќи дека можеби малку претерал, рече – „и со ова сега ќе седнам, треба да ве венчаме вас двајцата“! Добро, требаше само седум минути, ама вредеше да продолжи. Прво, затоа што беше одличен. И второ, затоа што ги размрда гостите што немаа слушнато вакво нешто на свадба, како и оние во Австралија, каде што во црква можат да се венчаваат кучиња, мачиња и кози, но не може да се склучуваат истополови бракови, а бискупот Кари е инклузивен.

Начинот на кој Меган Маркл беше добредојдена во британското кралско семејство е всушност Британскиот Обама Момент. Ова повторно ја разбранува националната дебата за тоа што значи да си црн и Британец. Точно, имаше неколку „обоени моменти“ на свадбата – покрај бискупот Кари и британскиот госпел хор кој доби покана од Меган и ја испеа „Остани покрај мене“ со голема енергија и емоции, а виолончело свиреше и Шеку Кане Мејсон, црниот музичар што пред некоја година ја доби наградата на Би-би-си за најталентиран млад артист.

Интересно е што Британците немаат проблеми со зборот црн, за разлика од Американците, каде што главно се употребува терминот Афроамериканец. Но, тукашното население не се потомци на некогашните робови, туку главно дојдени од колониите и главно образовани. Или, што би рекла комичарката Џина Јашаре, која неколку години живее во Америка, а чие семејство дојде од Нигерија, таа е од Бентал грин, дел од Лондон. Прогуглајте ја, одлична е. Многумина од младите Британци, и црни и бели, ги имитираат своите американски црни сонародници, не затоа што се црни, туку затоа што, за разлика од Британците, се гласни, пријателски расположени, динамични и слободни (добро, и дебели) – значи затоа што се Американци.

Британските погледи се речиси сосема под влијание на разните телевизиски програми, серии и филмови. И да бидеме искрени, не само британските. Нема да заборавам еден таксист во Скопје кој сосема сериозно ме убедуваше дека Американците дома седат и лежат со чевли на кревет, знае тој, видел.

Сепак, британското општество не е слепо за бојата на кожата. Напротив. Венчавката на Хари со Меган повторно ја разгоре дебатата, која сега со неа ќе добие уште повеќе „на тежина“. Факт е дека црните Британци ги има помалку во повисоките ешалони на бизнисот, во медиумите, во политиката. Се водат дебати, се отвораат прашања. Некои инсистираат на тоа дека не може да постои една група што ќе се нарече „британски црни“ во која ќе влезат и оние од Сомалија, и од Западна Индија, и од Африка, и од Нигерија. Не може за сите да има еден рецепт. Зошто не, велат други. Ако има за белите, зошто не и за нас? Има проблеми со делови на Лондон и на Велика Британија каде што има концентрација на црно население со сите предности, но и проблеми што ги носи таквата концентрација и неинклузивност и многу теми почнаа да се отвораат на поиновативен начин. Британскиот Обама Момент со присуството на Меган ќе продолжи уште поинтензивно да ги поставува овие прашања, зашто таа е сега тука – постои!

За Меган Маркл, сега Меган, војвотката од Сасекс, велат дека е гушкачка. Голем плус! Дека е феминистка, дека не трпи некој да ѝ попува и дека слободно го изразува своето мислење. Дека е хуманист и докажан борец за човекови права. И не е прва „обична“ која влезе да ја измеша таканаречената „сина крв“ на Виндзорови. Пред неа беа Мајк Тиндал, рагбистот што се ожени со принцезата Зара и, секако, Катрин, која сонуваше и успеа да се омажи за Вилијам. Третата е Меган, која велат, е најдоброто нешто што можеше да му се случи на британското кралско семејство. Не го заборавив Хари, според многумина, и покрај гафовите од време на време, и тој е најдоброто и најискреното некој и  нешто во британското кралско семејство. Не сум ројалист, но некако се согласувам со претходните тврдења.

И така, минатата сабота, Меган Маркл, американската разведена жена, се омажи за Хари, чијшто брат Вилијам ќе стане крал еден ден само затоа што прадедото Џорџ, стана крал само затоа што неговиот брат Едвард сакаше да се ожени за американска разведена жена Волис Симпсон, ама тогаш не му дозволија па мораше да абдицира.

Историјата се повторува, ама некогаш има и среќен крај. Па нека живеат среќни и задоволни до крајот на животот или, барем, додека се сакаат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...