Гоце Чакаровски заминува од Здравство, Жерновски влегува во МНР

2036

Предлозите за новите членови во Владата синоќа се пратени во Собранието на РМ – Рената Дескоска е кандидат за министер за правда, Арбер Адеми за министер за образование и наука, Афас Адеми за министер за култура и Бардул Даути кандидат за министер без ресор.

– Владата доцна синоќа по 69. седница го прати во Собранието на РМ предлогот за нови владини членови откако успешно завршија разговорите за зголемување на владината коалиција – рече на прес-конференција портпаролот Миле Бошњаковски.

Дополнително, премиерот Зоран Заев до Собранието за именување заменици-министри ги пратил предлозите: Андреј Жерновски – кандидат за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, Асим Муса – во Министерството за здравство, Ѓонул Бајрактар – за Министерството за труд и социјална политика и Садик Бекири – предлог за заменик-министер во Министерството за транспорт и врски.

Во Собранието се пратени и оставките кои треба да бидат констатирани – за Билен Салији, министер за правда, Рената Дескоска, министер за образование и наука и Роберт Алаѓозовски, министер за култура.

Од Владата во Собранието вчера се пратени и оставките на замениците-министри – Арта Точи од МНР, Гоце Чакаровски од Министерството за здравство, Арбер Адеми од МОН, Елмир Азири од Министерството за труд и социјална политика и Ремзи Мехмети, заменик-министер за транспорт и врски.

Бошњаковски информираше и дека ТВ-дуелот помеѓу претседателот на Владата Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечер ќе почне во  20 часот на Македонската радиотелевизија и ќе трае 90 минути.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...