Интелектуални (у)слуги

Таму, црно на бело, стои и човекот-шише, сопственикот и управувачот на т.н. медиумска македонска империја, кому, ете, му дошло и до тие 2.500 евра месечно од парите на народот!

760

Како што, според многумина умни, македонското правосудство тешко или воопшто нема да допре до вистинските инспиратори на оној злосторнички 27 април, како што впрочем не ги откри ни директните иницијатори за оној 24 декември, така и (не само) во културата, очигледно, нема да дојдеме до вистинските ороводци на сите злосторства во изминатата деценија. И затоа, можеби, не би било баш фер сите криминали да ѝ се стават на душата или грбот само на пуфлата која, објективно, нема(ше) сериозни капацитети – од кој и да е вид – за којзнае какво планирање високоумни или високостручни „операции“ какви што ни се случуваа во изминатата деценија.

Таа беше едно бедникаво извршителче на туѓи монструозни идеи и замисли за разнебитување на македонската култура со сосема други, далекусежни цели. Не велам дека таа не се офајди – дапаче! Тоа барем е јавна тајна. Каде и да чепнете во Министерството за култура ги гледате трагите на нејзините прсти! Ама и на претходните министри, да не се лажеме. А нив никој не ги спомнува. Зошто?

Иако, од друга страна, знаеме и многумина други од таа узурпациска фела, по име и презиме. На пример, ако говориме за оние тешки и за жал неповратни историски злосторства во срцето на Охрид – тогаш, повеќе или помалку, познати се сите персони и по командна и по извршна и по секоја друга одговорност. Само што не гледаме дека некој со нив навистина се бави! Или, на пример, кој (дури и законски) ја аминуваше преобразбата на истото тоа Министерство за култура во градежна „гг“ фирма? Цела бивша влада, сосе Собранието? И кој се имаше конкретна, дебела финансиска полза од тие активности, па чии се фирми учествуваа во девастацијата на главниот град, итн., итн.?

Или, ако говориме за оние што Ризаов некако воздржано, да не речам по малку нагалено, ги нарекува само „соучесници во инсталирањето на груевизмот, креатори, апологети и слуги на режимот“ во македонските медиуми, и таму ли, поименично, не ги знаеме злосторниците односно наредбодателите и извршителите? Па дури ни оној човек-шише, што би рекол Тричковски? Не ги знаеме ли ниту режимските вувузели што ни ги силуваа ушните тапанчиња со нивните пискаво хистерични гласчиња или оние во т.н. пишани медиуми кои на ист начин, секојдневно, црно на бело ширеа омраза и навреди низ македонскиот медиумски простор? Та не сме белки толку заборавни?

Е сите тие, за разлика од ордите што слепо се влечеа по нив, можеби и можат да доползат до онаа група „идеолошки противници и/или интелектуалци“ на г. Нацевски, иако со не мала резерва. Не можеме да им ја одречеме, секако, интелектуалната подлога, ако под тоа се подразбира – а кај нас само тоа се подразбира под тој поим – завршената (некоја и некаква) висока школа, главно со шестки, нели, колку да се протурка тоа што се мора. Но тоа не е некоја битна разлика во однос на ордите следбеници, бидејќи и во тоа стадо има(ше) многумина со факултетски дипломи, магистратури, докторати. Можната разлика е, веројатно, во самиот тип на „интелектуалниот“ ангажман на првиве: тие беа некакви „водачи“ според моќта и дострелот на нивните медиуми, особено кога тие медиуми беа на врвот на силата, обилно финансиски дарувани од режимот за нивните услуги. Но, кога од оваа дистанца ќе се потсетите, ќе ги препрочитате или дури прегледате нивните медиумски ангажмани во полза на криминалната банда, гледате дека таму всушност нема ама баш ништо интелектуално, туку сето тоа е само една огромна планина од омраза, медиумско насилство, нестручност, непрофесионалност и, што е најлошо – необразованост! Сето тоа што на времето беше говорено и пишувано во полза и за сметка на режимот беше плитко до зла бога, неуко, популистичко, одвратно хушкачко.

И токму зборот услуги е она нешто, мало но битно зборче што фрла појасна и повеќеколоритна светлина врз мотивите за тој нивен интелектуален ангажман и, што е уште поважно, врз нивната потенцијална идеолошка определба. Тоа мало но важно зборче е токму идеолошко интелектуалниот праг, или границата, којашто го дели вистинскиот интелектуалец од платеникот (со диплома, или дури докторат!) ангажиран во гласноговорничката мрежа на еден режим со огромен криминален аутпут. (Впрочем, нели и зборот слуга потекнува од услуга или беше обратно? Како и да е, повторно се сведува на исто, а нашиве „интелектуалци“ беа жив пример за тоа!). Зашто тие не вршеа никаква интелектуална или друга работа освен што му правеа услуги на тој – се покажа – ненароден режим. За дебел надомест, хонорар, плата… наречете ја како сакате, што новата влада го обелоденува денес преку листата на советници на умислениот народен водач.

И кога таа листа ќе ја прочитате убаво, натенане што се вели, и кога ќе ги видите биографиите, па и фаците на тие на неа, работите стануваат многу, многу појасни околу интелектуалните капацитети не само на тие персони туку и на оваа држава. Таму дури, црно на бело, стои и човекот-шише, сопственикот и управувачот на т.н. медиумска македонска империја, кому, ете, му дошло и до тие 2.500 евра месечно од парите на народот! Тогаш ќе го видите сиот неморал, сета црнила на македонскиот интелектуалец и, ако баш сакате, ќе ви стане појасна македонската историја барем стотина години наназад, и повеќе. Зашто тој список, тој македонски интелектуален „крем“ – зашто мора да бидете тоа за да влезете на списокот на советници на премиерот, нели? – е „крем“ во типична балканска варијанта: запиперен, забиберен, пелиносан, изгор лут и горчлив, а одозгора карамелизиран со дополнителен чили додаток. За да ве пеплоса целосно, докрај!

И сега, кога еден таков список на злосторници ќе прострете низ сите државни органи, зашто секој министер, секој директор од таа криминална банда имал свој список на советници, тогаш уште појасни стануваат димензиите на учеството на македонскиот интелектуален „крем“ во злосторствата против државата и народот. Вклучувајќи ја тука и неизбежната, се разбира, МАНУ, којашто, ете, сега дури се дрзнува да држи и лекции дека никој нема право да преговара за прашањата на националниот идентитет. Што, се разбира, е така, ама кога еден режим правеше сè за да го урниса тој национален идентитет, да го трампи дури за антички, да ја пљачкосува државата токму со учество и на нивни членови, истата таа МАНУ – молчеше. А тие се, нели, кремот на кремот?! Страдна (Илинденска) Македонија со такви интелектуални капацитети!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...