Поминаа измените на Изборниот законик, ќе добиеме привремена ДИК

567
20130131 Thursday 1148 pratenicki prasanja i ladna (dzingovaca) vp sobranie

Собранието ги донесе измените на Изборниот законик. Законските измени ги поддржаа 80 пратеници, ниту еден не беше „против“ и немаше воздржани.

Овие измени се усогласени од пратениците од владејачкато мнозинство и опозицијата, и се најавени како времено решение до есен, до кога, како што е најавено, треба да бидат усогласени нови измени во изборното законодавство што ќе го опфатат и Изборниот законик.

Со овие измени се уредува изборот и составот на Државната изборна комисија (ДИК), престанок на функцијата во ДИК пред истекот на мандатот и рокот за предлагање на претседател, потпретседател и членови на ДИК.

Во однос на составот на ДИК се предлага таа да биде составена од претседател, потпретседател и пет члена. Претседателот и потпретседателот на Комисијата се предлага да се избираат од членовите на ДИК кои функцијата ќе ја вршат професионално. Се предвидува членовите на ДИК да се изберат во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон за време од шест месеци.

Освен претседателот и потпретседателот на ДИК седница ќе може да се одржи на предлог на член на комисијата ако предлогот е поддржан од мнозинството од вкупниот број членови на ДИК.

Со измените на Изборниот законик се менува и членот 27 односно условите за избор на претседател, потпретседател и членови на ДИК. Според предлогот, лицето кое ќе биде избрано за член на Комисијата треба да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија.

Собранието треба да го огласи изборот на претседател, потпретседател и членови на ДИК во Службен весник и во дневниот печат. Огласот трае осум дена од денот на објавување во Службен весник.

Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа. Во измените се предвидува од кандидатите на предлогот на листата, политичките партии во опозиција да предложат претседател и двајца членови на ДИК, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Се предвидува исто така на избраните претседател, потпретседател и членови на Комисијата од денот на изборот работниот однос да им мирува.

Функцијата на избраните членови на ДИК пред истекот на мандатот може да им престане, по сила на закон, на нивно лично барање, поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, поради исполнување услови на старосна пензија утврдени со закон, поради смрт, и ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор над шест месеци.

Се предвидува ДИК со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови да може да даде предлог до Комисијата за прашање на изборите и именувањата на Собранието за разрешување на нејзин член поради нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК.

Собранието го огласува изборот на претседателот, потпретседателот и членовите на ДИК во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на законот.

Со измените на Изборниот законик се предводува на Асани Салија да и престане мандатот со нивното стапување во сила, додека генералниот секретар на ДИК ќе ја извршува функцијата до изборот на нов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...