Богов: Седум години на стабилен курс на денарот и стабилен банкарски систем

159

Стабилен курс на денарот и стабилен банкарски систем, што бележеше раст и развој, и ниска каматна стапка, што достигна историски најниско ниво.

Ваква оценка даде денеска Димитар Богов за својот седумгодишен мандат на гувернер на Народната банка на Република Македонија, кој истече вчера.

Тој функцијата денеска и ја предаде на новоизбраната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска.

– Во периодот 2011-2017 година просечната стапка на инфлација во Македонија изнесуваше 1,5 проценти, а во еврозоната 1,2 проценти, Девизниот курс на денарот во однос на еврото беше одржан на стабилно ниво, а покрај оние редовни турбуленции имавме и два силни шока, едниот беше грчката должничка криза, а другиот домашната политичка криза што кулминираше со шпекулативниот напад на девизниот курс и стабилноста на банките – рече Богов на прес-конференцијата пред да ја предаде функцијата на новата гувернерка.

Оцени дека денарот воопшто не изгуби од конкурентноста во однос на еврото, односно, како што рече, немавме во овој период некоја апрецијација на денарот, токму поради тоа што инфлацијата се одржуваше на слично ниво како и во еврозоната.

За состојбата во финансискиот систем рече дека беше одржана стабилност и дека банкарскиот сектор успешно се развиваше и растеше во овој период.

– За седум години беше остварен раст на вкупната актива на банките, депозитите и кредитите од околу 50 проценти. Во просек годишниот раст на кредитите изнесуваше околу седум проценти. Депозитите имаа вкупен раст од 55 проценти – рече Богов.

Тој додаде дека кредитиниот ризик значително е намален во овој период и процентот на лоши кредити од учество од 9,5 проценти во мај 2011 година во април годинава се намалени на 5,2 проценти.

Забележано е и зголемување на профитабилноста на банките од 2010 до 2017 година. Како што рече на крајто на 2010 година повратот на капитал изнесуваше седум проценти, а се очекува на крајот на годината да изнесува 20 проценти, што според Богов веројатно е највисоко ниво во целиот регион на ЈИЕ.

Богов потенцира дека преку одржување на стабилноста на денарот и банкарскиот сектор направена е до некаде и поддршка на македонската економија.

– Каматната стапка се спушти на три проценти на историски најниско ниво. Секогаш може да се дискутира и дебатира дали можеше и пониско и можеше, но доколку немавме политичка криза и доколку фискалните политики беа малку подисциплинирани – рече Богов.

Богов додаде дека просечниот економски раст во изминатите години е 2,2 проценти и повисок од просекот на ЕУ каде изнесува 1,3 проценти и истакна дека тој ќе беше посилен ако немавме забавување во последните две години поради политичката криза.

Одговорајќи на новинарско прашање што бил најлошиот момент во неговиот мандат како гувернер рече дека најверојатно кулминацијата на политичката криза и шпекулативниот напад врз банкарскиот систем.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...