Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, потпиша Меморандумот за соработка со Институтот за европски образовни, социо-културни и економски политики „Европа за тебе“ Скопје, информира Општината.
Целта е спроведување конкретни проектни активности, истражувања, креирање, развој и промоција на европски образовни, социо-културни и економски политики со што ќе се унапреди образовниот, економскиот, културниот и општествениот статус на граѓаните.
Во рамките на оваа соработка ќе се организираат заеднички работилници, семинари, обуки, трибини и други форми на активности за зајакнување на педагошките компетенции на наставниците, преку развивање на современи интерактивни модели кои ќе се имплементираат во основното воспитание и образование. На тој начин ќе се унапредува квалитетот на наставата, согласно современите образовни системи и практики. Ваквата програмска поставеност е своевидна поддршка и на претстојните реформи на воспитно-образовниот процес во Република Македонија, со посебен осврт на основното воспитание и образование.
Преку Меморандумот за соработка со Институтот „Европа за тебе“ Општина Аеродром ќе добие и стручна помош и поддршка за аплицирање и учество во проекти чија цел е унапредување на воспитно-образовните, економските и социо-културните услови во училиштата.