За вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи „Република Илинденска Македонија“, на албански онака, како што ја кажа премиерот Зоран Заев во саботата по лидерската средба, која во себе го содржи терминот „Илиндитасе“ и фонетички и граматички звучи албански.
Премиерот откако го кажа предлогот на македонски го изговори и на албански и англиски. Албанската верзија која ја кажа Заев е Republika Ilinditase e Maqedonisë.
– Целиот овој процес е продукт на еден компромис, во којшто секој треба да се најде себеси и треба да се попушта. Сметам дека ова решение и албанската верзија на името го објаснува концептот на заедничката борба на Албанците и Македонците за заедничка држава уште пред 115 години, рефлектирана преку Илинденското востание меѓутоа и фонетички и граматички звучи албански, така што задоволува некои основни барања и принципи во целиот овој процес – појасни Османи вечерва во емисијата Топ тема на Телма.
Во врска со коментарите на некои Албанци, меѓу кои и лингвисти дека преводот не е соодветен, рече дека им посочил оти „тоа е овдешниот менталитет, дека сѐ официјално во оваа држава треба да биде на македонски, а сѐ албански треба да биде превод“.
Османи вели дека „Илиндитасе“ значи Илинденско востание и на албански јазик, со тоа што зборот „ден“ е исто така преведен на албански и додаде дека спорно е дали имињата се преведуваат или не.
Албански лингвисти забележаа дека терминот „Илиндитасе”, нема смисла на албански јазик. Лингвистите објаснуваат дека овој превод е во судир со граматиката на албанскиот литературен јазик.