Се бара гениј да ѝ внесе живот на уништената Музичка продукција на МРТВ

За овие десетина години колку што постоеше оваа музичка дупка, во Македонија навлезе шунд музика од странство, влијаеше дури и на нашите деца, и тоа тешко ќе се менува, вели професорот Кире Костов.

1684

Веста дека Владата ја усвои Информацијата за потребата од ревитализација и рестартирање на музичката продукција на МРТВ, ги израдува добар дел од музичарите и музичките продуценти, додека други пак, се сомневаат дали воопшто може да се ревитализира, да се крене на нозе, нешто што, во последата деценија, не постои.

Од Владата соопштија дека целта е македонската музичка продукција да зајакне и да го има сјајот на минатото, а не како во изминатите десет години преку субвенции да се продуцира неквалитет.

Одговорот на прашањето на кој начин може да зајакне музичката продукција на МРТВ, го побаравме кај неколку наши истакнати музичари.

– Музичката и касетна продукција на МРТВ, практично и не може да зајакне, затоа што едноставно не постои со години. За жал, полека, но сигурно, на систематски начин, како нарачано, последните неколку раководства добро се потрудија да ја закопаат толку длабоко, што никој веќе не ни помислуваше дека постои можност да се возобнови. Искрено, многу се радувам и се надевам дека сѐ ќе биде во ред. Не знам дали воопшто на светот постои држава која нема своја институција која треба да се грижи за музиката и нејзиниот прогрес – вели Валентино Скендеровски, професор на Факултетот за Применета музика при Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕСРА.

Десет години музичка дупка

Професорот Кире Костов, пак, кој беше дел од тимот кои го подготви предлогот за ревитализација на Музичката продукција, вели дека е оптимист. На предлогот работеа и проф. Живоин Глишиќ, Славе Димитров, Љупчо Мирковски и Будимка Имери.

– Сметам дека крајно време е да се врати сјајот на музичката продукција, ако воопшто е можно сега, бидејќи многу е „испуштена“, како во изведувачка, така и во авторска смисла. За овие десетина години колку што постоеше оваа музичка дупка, во Македонија навлезе шунд музика од странство, влијаеше дури и на нашите деца, и тоа тешко ќе се менува. Многу е голема провокацијата да заживее нешто што е урнато, но, јас сум оптимист, мора да интервенираме и тоа да го смениме. Се надевам дека сѐ што е испуштено ќе го вратиме на колосекот, на здрави основи – вели Костов.

Композиторот Љупчо Мирковски објаснува дека оваа ревитализација не се однесува само на програмите на МРТ, туку, воопшто, на музиката од сите стилови и ентитети што се негуваат во Македонија. Тој верува дека музичката продукција ќе биде сервис на сите граѓани на Макадонија, а со нејзината ревитализација ќе се инспирираат авторите, инструменталистите, аранжерите и интерпретаторите, како и музичките групи, оркестри и групи од секаков музички стил.

– Музичката продукција е замислена да има редакции на забавна, народна и класична музика, кои секоја во својата област ќе нарачуваат, снимаат и ќе ги реализираат делата на сите автори, а особено на младите кои треба да ги поттикнеме да творат повеќе, затоа што имаат потенцијал. Во рамките на музичката продукција ќе има Биг Бенд, народен оркестар, оркестар чалгии и оркестар на народни инструменти со музичари во редовен работен однос. Таканаречените ансамбли, музички соработници со хонорарен статус, би биле камерниот оркестар, мешаниот хор и детсткиот хор. Музичката продукција ќе биде отворена за соработка со сите автори и музичари воопшто, се разбира преку „филтер“ кој се вика музички колегиум, каде што ќе се преслушуваат и прегледуваат предложените дела, кои потоа, ќе бидат секако понудени на сите медиуми, доколку се заинтересирни да ги емитуваат на своите програми – објаснува Мирковски.

Кој ќе го поведе орото?

Музичарот Петар Георгиевски-Камиказа, пак, не гледа оптимистички на оваа иницијатива. Тој прашува: „кој може да ја поттурне воопшто работата од почеток, сега, кога меѓу тимот нема ниеден менаџер“.

Георгиевски како уредник на забавната редакција во Музичко-касетната продукција работел петнаесетина години, во периодот кога д-р Јане Коџобашија го предводел тимот. Во тој период во забавната музика биле произведени 176 потпишани изданија, меѓу кои на „Зијан“, „Архангел“, „Ареа“, „Санаториум“, Јаков Дренковски, Џокси, Гарабет Тавитјан и други врвни музички имиња.

– Од тоа време извира целата добра македонска музика, зашто пред нас немаше изданија. Беа издадени 11 изданија на антологиска народна музика. Се возобнови праксата групите што ќе победат на Рок фестивалот да снимаат албуми. Се возобнови и Скопскиот фестивал, на кој бев директор дванаесет години. Под раководство на Мате Грујовски, уредникот на народната редакција, се постави фестивалот „Цветници“. Се возобнови Танцовиот оркестар и Ревискиот оркестар од кој пак, произлезе евровизискиот настап на Македонија. Тоа беше времето кога музичката продукција на МРТ го имаше својот расцут. Потоа, со промена на менаџерскиот тим, следуваа години кога се растурија Ревискиот и Танцовиот оркестар, а од 2005 година не се произведе ниедно музичко издание. Во поново време, Скопскиот фестивал се организираше за фантастична сума од 176.000 евра, без вклучени хонорари на авторите. Во нашето време пак, таа сума изнесуваше околу 32 илјади марки за целиот Фестивал – заклучува Георгиевски.

Се творело за душа и за слава, а не за пари

Георгиевски ја нагласува и разликата на работата во тоа време и во денешно време, потенцирајќи дека во времето на успешната работа на Музичката-касетна продукција, тимот бил воден од ентузијазам, додека во поново време интересот е главно во заработувачката на поединци.

– Менаџерскиот тим од тоа време работеше за да му служи на народот, за скромни плати од тристотини германски марки и со голем ентузијазам да се направи нешто. Не добивавме никакви субвенции, а направивме многу. Поважно ни беше пишувањето на историјата на македонската музика, отколку парите, зашто парите ќе се потрошат, а историјата не може да се избрише. Кои изданија се издадоа оттогаш?! Кој може да ја поттурне воопшто работата од почеток, сега, кога нема менаџер? Ако македонската музичка продукција сега добива шанса да се зајакне, сметам дека треба да се повика за главен консултант д-р Јане Коџобашија, кој е во полна физичка и умствена кондиција, бидејќи токму тој ги постави новите стандарди на најуспешниот период од Музичко-касетната продукција. Инаку, тешко е да се надеваме дека нешто ќе тргне на подобро – додава музичарот Петар Георгиевски – Камиказа.

Музиката мора да се развива

За важноста и значењето на Музичката продукција на МРТВ за Република Македонија, пластично ни образложи Валентино Скендеровски:

– Музичката продукција на МРТВ, според мене, би требала да го носи името Музичка продукција на Република Македонија. Со такво име, сѐ би било многу појасно и луѓето полесно би добиле претстава за што се работи. Ова треба да биде институција во која ќе се дефинираат насоките за тоа како треба да се негува и развива музиката во Македонија. Оркестри, бендови, хорови, состави од сите можни формации, кои ги негуваат сите можни музички стилови и жанрови. Во ред е да ја негуваме македонската традиционална вокална и инструментална народна музика, но треба да се обрне внимание и на класичната, популарната, мејнстрим и андерграунд музиката.

Факт е дека некогаш, продукцијата имаше значајна функција во музичкиот живот во државата, но со појавата на дигиталните медиуми работите многу се променија. Како продукцијата е можно да ја задржи истата функција, доколку не претрпи и соодветни адаптации на времето во кое живееме?

– Ревитализацијата на музичката продукција на МРТВ ќе вклучи и дигитална опрема во студијата. Како професор на Факултетот за музичка уметност, можам да кажам дека од моите студенти може да се пополни дел од „Биг Бендот“ за да почне да работи. Треба време, но ги имаме децата – вели Костов.

Љупчо Мирковски додава дека музичката продукција на МРТ ќе биде во тек со современите случувања од областа на музиката и техниката, и во рамките на своите можности, но и со помош на понудените решенија од надворешните соработници ќе се труди да следи сѐ она што е актуелно во светот, но дека, пред сѐ, ќе се фокусира на творештвото на музичарите од Македонија.

За подготовка на решението за музичката продукција на МРТ ќе биде ангажирана работна група од Кабинетот на претседателот на Владата, министерствата за култура, за финансии, за информатичко општество и администрација, МРТ и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Работната група е задолжена во рок од 30 дена по нејзиното формирање да подготви анализа на финансиските импликации и актите на МРТ и до Владата да достави информација за анализата со кои институции ќе треба понатаму да постапат и практично да се спроведе процесот на ревитализација на музичката продукција на МРТ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...