Борба да се евидентира секој турист

Секојдневно само на „Booking“ се огласуваат над 600 сместувачки капацитети во Скопје или повеќе од 1.500 во Македонија.

202

Како да се елиминирана нелојалната конкуренција во продажбата на хотелските и другите видови услуги за ноќевање преку светски познатите онлајн оператори во услови на нерегулирана категоризација на сите сместувачки капацитети кои постојат на пазарот и непостоење регистри на објектите, освен за хотелите, се дискутираше денеска во Стопанската комора на Македонија.

– За да се овозможи реална евиденција на бројот на туристи и ноќевања, што ќе значи и пореално евидентирање на девизниот прилив, како и други поволности со кои ќе се зголеми учеството и влијанието на туризмот и угостителството во домашната економија, предлагаме да се воспостави систем на контрола и следење на работата на сместувачките капацитети, во меѓусебна комуникација и соработка токму со светските онлајн оператори – истакна Горан Дамчевски заменик-претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Комората.

Членките на Здружението не се против функционирањето на платформата на онлајн продажба, но предлагаат да постои задолжителна категоризација и регистри за сите видови сместувачки капацитети на државно и на локално ниво и да се воспостави директна соработка со светските онлајн тур-оператори, за да се обезбеди систем на контрола на сместувачките капацитети на домашни субјекти кои се продаваат на пазарот.

Проценките на бизнис секторот се дека околу 50% од вкупниот обем на продажба на хотелските услуги се одвива преку „Booking“.

Здружението на угостителството и туризмот укажува дека во моментов освен категоризација на хотел, мотел, пансион и апартмани регистрирани од физички лица на локално ниво, не постои јавно достапна информација колку капацитети се регистрирани под други називи, надвор од оние што подлежат на категоризација, како апартмани, преноќувалишта, резиденции, куќи за одмор, вили, планинарски, ловни домови и други форми под чии називи се издаваат преку онлајн продажните оператори и при тоа постои само Регистар на хотели. На локално ниво речиси и да не постојат регистри за физичките лица кои работат угостителска дејност. Туристичките бироа не функционираат, договорите со туристичките агенции не се видливи.

Членките на Здружението предлагаат Министерството за економија да воспостави директна соработка со светските онлајн тур-оператори за да се обезбеди систем на контрола на сместувачките капацитети на домашни субјекти (правни и физички лица) кои се нудат за продажба и дали тие ги почитуваат критериумите. Секојдневно само на „Booking“ се огласуваат над 600 сместувачки капацитети во Скопје или повеќе од 1.500 во Македонија. Голем број од апартманите се рекламираат со три и четири ѕвезди, а категоризација на апартмани не постои. Нема информација кој од овие субјекти работат како правни лица, дали плаќаат данок, дали имаат евидентирано вработени лица, дали пријавуваат во Заводот за статистика број на туристи, дали водат книги за евиденција на гости, дали истите се пријавуваат во МВР согласно законските прописи.

За разлика од системот „Booking“, каде огласените објекти мора да работат согласно Законот, продажбата на сместувачки капацитети преку „Airbnb“ системот е поразлична и овозможува издавање и од физички лица без при тоа да имаат регистрација на угостителска дејност. Сепак, и едниот и другиот онлajn систем за продажба имаат интерес да постојат на пазарот и имаат поставенo соодветни услови и критериуми за работа.

Доколку се воспостави систем на следење и контрола, ќе се елиминира нелојалната конкуренција и ќе се намали сивата економија. Ќе се евидентираат туристите, ќе се вклучат лицата кои работат во овие објекти во активен работен однос во секторот, со што и бројката на вработени во туризмот и угостителството би била поголема, а со тоа и приходите од туризмот и угостителството во буџетот по основ на плаќање на придонеси и даноци, а ќе има и раст на приходите од вршење дејност, преку плаќање даноци по разни основи согласно Закон, како и евиденција на девизниот прилив од туристичка дејност што значи и поголеми приходи во буџетот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...