Предлозите за реконструкција на Владата премиерот Зоран Заев утре ќе ги достави до Собранието бидејќи, како што рече, поради исчекување на денешната пресуда во „Поткуп“ не знаел дали ќе има цела влада или ќе требало да прави реконструкција.
– Биографиите на новите министри, заменици и директори ќе бидат собрани до утре изутрина и ќе бидат навреме поднесени до парламентот. Се надевам дека ќе бидат ставени на дневен ред и ќе се изгласаат до крајот на месецот – изјави Заев.
Како што изјави тој минатата недела, во Влада треба да влезат ДПА на Мендух Тачи, крилото на Беса Африм Гаши и партијата на Амди Бајрам Сојузот на Ромите.
Патијата на Бајрам нема да добие министерско место, туку ќе влезе во некој од пониските ешалони на власта, ДПА најверојатно ќе добие министерство без ресор и еден заменик-министер, а Беса на Гаши ќе го преземе министерството за култура.
Тие веќе ги објавија нивните предлози. Гаши за министер за култура на Заев му го предложи Асаф Адеми – поранешен амбасадор во Данска. Од ДПА, пак, за министер без ресор задолжен за странски инвестиции (на местото на Рамиз Мерко од ДУИ кој стана градоначалник на Струга), е номиниран Бардил Даути – професор по економија на тетовскиот универзитет, а за заменик-министер за транспорт и врски, партијата на Тачи го предложи Митасим Беќири – професор по казнено право и казнена политика на ФОН.
За други смени и можните рокади на ресорите меѓу СДСМ и ДУИ за кои се шпекулираше изминатиот период, засега нема официјални потврди. Сепак, извесно е заминувањето на Рената Дескоска од Министерството за образование и наука (МОН), која ќе го смени ресорот и ќе биде министерка за правда. Во МОН ќе ја замени нејзиниот досегашен заменик од ДУИ Арбер Адеми.