Очекував ослободителна пресуда бидејќи во текот на судењето ги докажавме сите работи, рече премиерот Зоран Заев откако денеска во Кривичниот суд беше соопштена пресудата за случајот „Поткуп“.
– Среќен сум што добив ослободителна пресуда и што конечно ја докажав мојата невиност и дочекав правда – рече Заев.
Во врска со изјавите на Никола Груевски кој зборуваше дека Заев ќе биде ослободен, а тој осуден во случајот „Тенк“, премиерот рече дека Груевски едно време бил добар познавач на судството и оти сега веќе тоа судство не е истото што тој го контролираше.
Одговарајќи на прашања, тој уште една побара ако постои начин институциите да му ја достават снимката од ПИ-мерките или пак, тие сами да ја објават за да се види целосната снимка односно дека не побарал поткуп и за да си го обели образот.
– На трите места каде што е прекината снимката точно ќе се види за што станува збор и како злонамерно било кратењето кога разговараме за цемент, бетон, железо, за плата на работниците… Сѐ што сум правел во Струмица беше транспарентно и на достап на јавноста. Апелирав бизнисмените да бидат пример за граѓаните и да донираат за изградба на црквата – рече Заев.