Извршната директорка на Фондацијата ФООМ Фани Каранфилова Пановска истакна дека неслучајно го одбрале овој наслов на оваа завршна конференцијата затоа што, како што рече, сакале да подвлечат дека по периодот на затвореност, на добиените квалификативи за „заробена држава“, по промените минатата пролет општеството почнува да се отвора, но смеат дека целта се уште не е постигната.
– Отвореното општество како концепт никогаш не е достижно во идеална смисла. Но, има начини многу да се направи дополнително за Македонија да може да ја сметаме за вистинско отворено општество со сите вредности кое тоа ги предвидува. Имаме многу работа на планот на правната држава, на воспоставување на владеење на правото, на планот на справување со криминалот од претходната власт паралелно со справување на потенцијалниот криминал меѓу претставниците на актуелната власт. Има многу што да направиме на планот на говорот со омраза со национализмите и со ксенофобијата, на оттргнување на политичките партии да го доминираат јавниот простор и јавниот дискурс и да се овозможи активните граѓани кои длабоко ветуваат во тоа дека може нешто да променат и дека се зависи од нас да можат да делуваат слободно – рече Каранфилова Пановска.
На воведната тема дискутираа Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ, Патрик Гаспар, претседател на Фондациите Отворено општество и премиерот Зоран Заев.
Патрик Гаспар се осврна на оптимизмот што го затекнал во земјава при сегашната посета, за разлика од пред една година кога перцепцијата за отвореното општество била многу поинаква и негативна.
– Сите се согласуваме дека е направен огромен напредок, но имаме и долг пат пред нас. Потребни се големи реформи за да се развие инклузивно општество, но економското зајакнување мора да оди рака под рака со правдата. Јас сум горд што уште од почетокот оваа Фондација ги изгради темелите за визија за Македонија како земја која е отворена кон демократијата и помирувањето. Отвореното општество храбро настапи онаму каде што владите не успеваат и се надеваме дека тоа ќе продолжи – рече Гаспар.
Гаспар нагласи дека Фондацијата ги поддржува европските аспирации на Македонија и оти е подготвена да помогне во тие процеси и како донатор и како застапувач на јавните политики.
Премиерот Зоран Заев ја потенцираше значајната улога на граѓаните во борбата за денешното отворено општество, како и на Фондацијата како континуиран поддржувач на демократските процеси во земјава.
– ФООМ веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, а од владите се бара да бидат одговорни, отчетни и отворени во креирањето на политиките за граѓаните. Фондацијата вложи многу во поддршка за подобрување на животот на граѓаните. Ќе дадам конкретен одговор. Да, отворено општество има сериозна шанса во Македонија и сите ние треба сериозно да се вложиме и да ја искористиме таа шанса. Отвореното општество има потреба од силни граѓани во услови на демократско владеење, слобода на изразување и почитување на правата на поединецот – истакна Заев.
Учесниците на конференцијата ги слушнаа наодите од истражувањето „Политичката култура, идентитетите и граѓанското општество“, по што дискутираа за начините на кои нашето општество може успешно да се справи со растечките национализам, ксенофобија, апатија, исклученост, затвореност, исклучивост и несигурност. Тие се осврнаа и на можните алтернативи на растечките авторитарни и автократски стилови на владеење, како и на улогата на образованието, културата, уметноста и медиумите во напорите за промоција и зачувување на вредностите на отвореното општество.
Првиот ден на конференцијата се заокружи со дискусија за предизвиците кон независно судство во Македонија и унапредувањето на човековите права и слободи, како и за улогата на невладиниот сектор во забрзување на судските реформи.
Конференцијата продолжува утре со дискусија за транспарентни и отчетни институции како императив за одговорна власт, за граѓанското општество и за тоа каков граѓански ангажман ни е потребен, а ќе заврши со дискусија за тоа како Македонија може да стане отворено општество.