Терминот „Илиндитасе”, што премиерот Заев вчера го употреби за да го преведе предлогот „Република Илинденска Македонија“ на албански јазик нема смисла, реагираат лингвисти.
Според нив зборот нема основа во граматиката на албанскиот литературен јазик.
Професорот Фатмир Сулејмани за Алсат М објаснува дека во албанскиот речник не постои терминот „илиндитасе“.
– И јас, како и сите Албанци, синоќа го слушнав овој термин за првпат. Секако, ми се чинеше интересно, превод кој нема суштинско значење. Како што знаеме, барем во сите историски документи на Илинден, ние тоа сме го превеле Илиндита. Се чини малку интересно и несоодветно. Мене апсолутно не ми се допаѓа. Требаше да биде име што одразува мултиетничкост, мултиконфесионалност и мултикултурност – вели Сулејмани.