Првата надзорна расправа во овој состав на Собранието ќе се одржи во вторник на тема Закон за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и сродната регулатива во контекс на Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на природното и културното наследство.
Надзорната расправа ја организира собраниската Комисија за култура, на иницијатива на владејачкото мнозинство, но е поддржана и од пратениците од опозицијата.
Поканети се вкупно триесетина сведоци, сегашни и поранешни раководни лица од различни државни органи, институции, јавни претпријатија, научни институции и граѓански организации од областите на културата и животната средина.
Предвидено е расправата да трае три дена, но не последователно.
Првиот ден на сослушување, во вторник, се викнати и своето присуство го потврдиле министрите за култура, за животна средина и за транспорт и врски, Роберт Алаѓозовски, Садула Дураку и Горан Сугарески. Потоа професор д-р Донка Барџиева, експерт во заштитата на културното наследство, градоначалниците на Охрид и на Струга, Јован Стојановски и Рамиз Мерко, поранешниот прв човек на Струга, Зијадин Села и Александра Бујароска од НВО Фронт 21/42.
Статусот на Охрид, како град на листата на Светско наследство на УНЕСКО, е во опасност и градот може да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. До 2019 година Македонија треба да направи повеќе активности за заштита на Охрид и Охридското езеро како светско културно и природно богатство.
Надзорната расправа всушност има за цел да обезбеди одговори од надлежните до каде е реализацијата на активностите, согласно нивните надлежности, во врска со идентификуваните проблеми во Извештајот за реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и одлуката на Комитетот за светско наследство од Краков 2017.
Сведоците се должни најдоцна три дена пред денот на одржувањето на седницата својот исказ да го достават до Комисијата за култура во писмена форма. На надзорната расправа пратениците може да постават и други прашања надвор од она што е добиено во писмена форма од сведоците, а нивните одговори ќе бидат временски ограничени. Доколку сведокот во моментот не располага со информации што се потребни за да одговори на прашањето, Комисијата може да побара да бидат поднесени во писмена форма.
Македонија треба да ја заврши реализацијата на активностите за заштита на природното и културното наследство до крајот на 2019 година за овој регион да остане на листата на Светско наследство на УНЕСКО.
Организаторите на оваа надзорна расправа исто така сакаат да одговорат на барањата на 8.000 граѓани кои преку невладината организација Фронт 21/42 на Денот на Охридското езеро 21 јуни до нив доставија картички со пораки за заштита и зачувување на статусот на Охрид и овој регион.
Во Собранието на Република Македонија е формирана и група за поддршка на Охрид и Охридското езеро.