Британскиот принц Хари и американската актерка Меган Маркл го кажаа судбоносното „да“ во капелата во дворецот Виндзор.
Меган до олтарот ја испрати таткото на младоженецот, британскиот престолонаследник принцот Чарлс.
Церемонијата почна откако британската кралица Елизабета Втора, во придружба на принцот Филип, и принцот Чарлс и војвотката Камила пристигнаа во црквата.
Претходно, принцот Хари, кој е шести по ред за наследство на британскиот престол, пристигна во друштво на братот и кум, принцот Вилијам.
Меган, во меѓувреме, во Виндзор пристигна со лимузина со својата мајка Дорија Рагланд.
Невестата носи бела венчаница, тијара со дијаманти и вел, а ноќта ја помина во луксузен хотел со својата мајка, додека младоженецот престојуваше во друг хотел со свјот брат, принцот Вилијам.
Меѓу девериците е и Шарлот, ќерката на Вилијам и Кејт, а на девојчињата им се придружи и нејзиниот брат Џорџ.
Безбедносните мерки се засилени околу дворецот Виндзор.
Полицијата постави барикади за да ги спречи напаѓачите со возила како што беше случајот кога минатата година возило влета во група луѓе кај Вестминстерскиот мост.
Патролите имаат придружба и од кучиња трагачи.
Во Лондон, за време на венчавката, 15 минути немаше прелети на авиони, со цел да се обезбеди гарантиран мир и тишина во текот на свадбената церемонија.
Како што е соопштено, раководството на аеродромот Хитроу се согласи во тој период да нема прелети на авиони над дворецот Виндзор, додека трае најважниот дел од церемонијата.