Црвено како крв, црно како Македонија

И тоа што сè повеќе се пресликува во медиумите и на политичката сцена и на огромен дел од општеството, не е нешто што им се „лизна“ затоа што не внимаваа; и тоа што Македонија во некои работи стана полоша од груевистичката Македонија, исто така е смислено.

838

Купувам секој ден весници, на ист начин како во оној „антирежимски“ виц за типот што секој ден стрпливо бара и очекува затвор читајќи „судска хроника“: дали граѓанинот Никола Груевски е уапсен? А што е, пак, со неговите андроиди, домаќини луѓе, ни тие не се уапсени? Што, ништо од тоа ни денес? Значи, сè уште ништо од Македонија како сериозна држава!

Имено, не чудете се, знам многу добро каде живеам, знам дека од таканареченото судење нема ништо, не затоа што не се виновни, туку сè ме влече на тоа дека се виновни… Наведеното лице, вклучително и неговите андроиди, сите кои беа на високи – и во теорија – на ужасно одговорни функции, па дозволете за момент да кажам што ни вели Владимир Глигоров, а низ неговата дефиниција во многу работи се објаснува она што Груевски и неговите претставуваа во оваа земја: „Не постои насилие над работите, како што мислат. Постои само насилие над луѓето и на други свесни или живи битија. Ако се скрши прозорец, тоа е насилие над оној чиј е прозорецот“.

Опасни пучисти

Според тоа, овие луѓе очигледно направија прилично конкретни кривични и прекршочни дела, како и тоа – скриваа многу луѓе (или ги заштитуваа) од законот. Таквото дејание начелно ги кандидира за правец „прдекана“, ама тоа е само начелно; конкретно е дека има голема шанса повторно да се вратат на власт и да ги побараат најголемите државни функции. Што, од друга страна, не е без смисла: Македонија како што тие ја разбираат и Македонија во која денес владеат исти такви вредности, во крајна линија сè им оди во прилог, дури ми се чини како оваа земја да е створена само за нив.

Ако, имено, некој имаше илузија дека тие луѓе се некакви неспособни ебиветри, гуланфери и безвезњаци кои Македонија ја тераат во пропаст затоа што едноставно не умеат подобро, со нагласок на „оној ден“ кога е прибран во владата и Амди Бајрам, и со нагласок на можна промена во Министерството за култура, ресор што ќе му припадне на некој „загубенко“ од БЕСА, би морале да бидеме прилично јасни: ние овде повторно имаме работа со опасни и бескрупулозни пучисти што нема да избираат начин да ја минираат Македонија како би успеала кутрата да се подигне од орбитата на Организираното Лудило, тоа отровно „поезирање“, кретенско „умување“ на неписмени луципрди, тој секојдневен фашизам, таа ендемска сиромаштија и (не)пензионирани руски генерали.

Значи, луѓе, „тие ова го прават намерно“! И тоа што ги поттикнуваат најниските страсти иако секој со три-чисти-во-глава знае дека тоа нема ништо добро да донесе, како што нема да ѝ донесе ништо добро на оваа девастирана и разлупана земја – односно: тие ова го прават намерно! И тоа што сè повеќе се пресликува во медиумите и на политичката сцена и на огромен дел од општеството, не е нешто што им се „лизна“ затоа што не внимаваа; и тоа што Македонија во некои работи стана полоша од груевистичката Македонија, исто така е смислено.

Експресна дегенерација

Приказната со името, пак, е феноменален изговор за сите глупирања во Македонија изминативе дваесет и кусур години. Затоа се плашат панично да не се „изгуби името“, не како „територија“: горна, долна, северна (тоа маестрално го одработи нивниот претходник), туку како тема и извор на стални фрустрации и психози: што ќе прават тие без името и македонскиот идентитет, за што патетично, глупаво и совршено празно ќе ломотат од сабајле до вечер?

Вие мислите дека Заев ќе му прави нешто на Груевски? Или можеби мислите дека ќе им прави нешто на Американците? Или можеби на сомнителниот Амди? Не бидете наивни: ние сме топовското месо, оние што сме на другата страна, она проевропско мнозинство во земјата Македонија, и на никој друг. Само сме им ние, практично во домет, а останатите може само да ги мразат. И нив до „qулац“ ги истроши г. Груевски, и тука нема што повеќе да се прави. Всушност, без г. Груевски ниту Заев ќе можеше да стане „државник“.

Практично целокупниот јавен дискурс доживеа експресна дегенерација од монументални димензии (а не моментални последици), и тоа не се направи само од себе, како некоја масовна епидемија. Послушајте ги овие денови сите лупетања од високите и среди ешалони, партиски прес-конференции, новосдсмовски, сдсмовски, разните коалиции, па речете дали е тоа не е механички збир од индивидуални откачености (?), или, пак, сето тоа не е ништо друго освен мега-луд психо-орган? Обрнете внимание на сето хорско ломотење, па кажете дали вака треба да изгледа оваа земја? Погледајте денес на што личи „јавниот сервис на европска Македонија“ со својата откачена телевизиска шема: погледајте што сè излегува на портали блиски до власта, погледајте што се печати во рубриката „колумни“.

Градба за иднината

Да потсетиме. Зоран Заев ги доби изборите за вакви и ним слични да не нè владеат, да престанат да ни се товарат во нашите животи. Заев, меѓутоа, никаде го нема, час е во Турција, час е во Австрија, или каде се веќе не; целата Социјалдемократска партија на мртво спие и сонува, а не се сеќавам дека некој кажал нешто разумно, јасно, чисто, нешто бре, „на македонски“. Останатите веројатно чекаат директива, ама џабе, затоа што Заев навистина го сакаше мандатот, и го доби мандатот, и ако го доби, требаше да го добие, ама сега треба ова да му се каже (јак е тоа човек, ќе го издржи овој збор): тој човек треба да направи сериозна навигација на земјата Македонија, да ја направи власта без тиранија, сите политички битанги да ги придвижи кон Европската Унија, а ако во таа прилика некој отпадне од политичкиот брод, што да се прави: таквиот секогаш може да го промени бродот и да отплови во Мурманск, заедно со својата среќна звезда.

Поради тоа големиот човек Зоран Заев доби мандат, а не доби за да им се моли и цвика на разноразна распојасена багра да се прибере во влада и, воопшто, да биде „поубавата половина“ на мојот премиер. Што ќе му се сите тие ебиветри, да ги праќа по бурек, па на заминување да им вели: „Пази, со месо! И јогурт!“. Може ли тоа да го направи Зоран? Немам поим дали може, ама знам дека мора. Во спротивно, ќе биде одговорен за нова, можеби најголема пропаст на Македонија после Груевски, Мијалков и Амди Бајрам заедно. Во меѓувреме, не се откажувам да читам весници. Судската хроника не се наоѓа на првите страници, ама веста што сепак ја чекам и на која се надевам, секако ќе биде објавена токму таму.

На крајот, не знам како ќе се заврши (или ќе се одвива) оваа лакрдија, знам само дека денес од ова погоре е создадена македонската политичка градба од која ќе се прави македонската иднина. Сè во таа иднина е црвено. Црвено како крв! И сѐ е црно. Како Македонија. Како ние.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...