Решение со задолжителна промена на кретенскиот идентитет, молам!

Триесет метри високиот кич на главниот плоштад на престолнината непогрешно го дефинира нашиот национален идентитет како нација на будалетинки што е во заблуда за сопственото потекло и себепознавање.

6439
grcev

Набљудувајќи ја енергичната, безмалку метеорска ефикасност на политичката волја што ја манифестираат младите премиери на Македонија и на Грција во нивните напори да најдат „за двете страни прифатливо“ решение на децениски зачмаениот „спор“ околу името на милата ни држава, осетив како – заедно со будењето на дамно потиснатата надеж – почнува да ме тресе вистинска јанѕа: можно ли е дека сме пред историското решение? А, што ако овие сјајни младинци сепак не успеат да ги победат темните инерции на ирационалноста балканска, на глупоста, злото, омразата и интелектуалната пустелија што се негува во двете земји со голема страст?

Како да се уплашив од сопствената разбудена надеж, комформистички ушушкан во глувата индиферентност на безнадежноста што мене и на мнозина Македонци ни стана емоционален оклоп со кој се браневме од бесмислата и пропаѓањето во деценијата на владеењето на ВМРО. Зашто, воскреснатата надеж е како новороденче: веднаш ја ставаш до срцето и сфаќаш дека си обземен со неа, дека таа е најважното нешто на светот, за чиешто здравје и живот ќе се грижиш безусловно, а грижата ќе ти буди сал стравови – нешто лошо да не ѝ се случи…

Спорни дефиниции

Најмногу од сè ме загрижуваат неколку зборови што деновиве често се повторуваат од многу квалификувани политички усти, а се шират по медиумите и јавноста како нервни гасови. Тоа се зборовите достоинство и идентитет. Тие се условните категории што ќе „пресудат“ дали ќе се најде решение или не. Спорниот услов – што никој под небото македонско не го доведува во прашање – е решението да ти било „достоинствено“, односно да не го нарушувало нашето национално достоинство и идентитет.

Ќе речете, почитувани читатели, што има спорно во ставот дека решението ќе биде прифатливо и одржливо единствено доколку не го чепне достоинството и идентитетот? Ах, ќе ви одговори мојата застрашена надеж: нема ништо спорно во ставот, но се е спорно со дефиницијата на поимите „достоинство“ и „идентитет“, односно со сфаќањето на содржината на зборовите, и, конечно, со неможноста да се препознае таа „тенка црвена линија“ зад која се сместени кревките ентитети на човечкото достоинство и националниот идентитет.

На достоинството и идентитетот сите се повикуваме како да се работи за нешта што се не само кристално јасни, туку и исто толку цврсти и неменливи, и тоа не само за поединци, туку и за целата нација!? А, не мораме да спроведуваме анкети што ќе вклучат илјадници испитаници, доволно е да се запрашаме себеси – знаеме ли ние воопшто што значат поимите, која е нивната содржина, како се препознаваат границите на достоинството, како гласи нашиот колективен идентитет? Ќе видите дека анкетата ќе резултира со неразбирање и повеќегласност кај секој поединечен испитаник, кај секој што самиот ќе си ги постави сериозно овие прашања.

Впрочем, дека достоинството не е нешто со што човек може да се шегува, покажува и Универзалната декларација на човечките права, таа Магна карта на човештвото и вистинскиот морално-правен и цивилизациски Еверест на човечкиот вид. Преамбулата на Универзалната декларација почнува со зборовите: „Бидejќи признaвaњeтo нa врoдeнoтo дoстoинствo, и нa eднaквитe и нeoтуѓиви прaвa нa ситe члeнoви нa чoвeштвoтo сe тeмeлитe нa слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт“ и повторно, во членот 1 стои: „Ситe чoвeчки суштeствa сe рaѓaaт слoбoдни и eднaкви пo дoстoинствo и прaвa“!

Нација на будалетинки

Човечкото достоинство е, значи, според Универзалната декларација, вистинскиот извор од кој сила влечат и сите други човечки права, а на кои се темелат и „слoбoдaтa, прaвдaтa и мирoт вo свeтoт“, па е навистина загрижувачки фактот што немаме ниту интелектуални алатки да го препознаеме и дефинираме достоинството, а уште помалку можеме да го употребиме како рационален и мерлив факт во едни крајно прагматични дипломатски преговори како што се овие за името македонско. Секој човек очигледно има чувство, некаква морална интуиција, да ја осети таа емоција, но дали има двајца на планетава што чувствуваат еднакво?

Ако консултираме речници, ќе го добиеме значењето на зборот достоинство: тоа е дигнитет, углед, високо звање, чувство на важност, почит и самопочит, или, како состојба – достоинството се дефинира како својство на личноста да биде признаена дека е вредна за почит, респект и чест. Оваа речничка дефиниција достоинството практично го поврзува со идентитетот на личноста, односно со начинот на кој секој човек се самоспознава, и со респектот што социјалната околина препознавајќи го му го укажува. Значи, повторно сме на почетокот на приказната: како ќе го препознаеме решението, темелејќи го врз критериумите на неповредливост на достоинството и идентитетот, кога националниот идентитет го менувавме последнава деценија со темпо со кое се менуваат валкани чорапи, а тие промени ги направивме на најнедостоинствен начин во историјата на светот?!

Триесет метри високиот кич на главниот плоштад на престолнината непогрешно го дефинира нашиот национален идентитет како нација на будалетинки што е во заблуда за сопственото потекло и себепознавање, а тоа е воедно идентитет што ефикасно го ничкосува нашето достоинство на дереџето што го имаат сите будалетинки на светот – да бидат „вредни“ за потсмев и сожалување. Така што, ако јас се прашувам какво да биде решението по однос на нашето реално остварено вмровско достоинство и идентитет, јас би нарачал: Недостоинствено решение, со задолжителна промена на кретенскиот идентитет, молам! Итно!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...