Власта и опозицијата се договорија дека ќе работат на реформската агенда

231

Претставниците на парламентарните партии во македонското Собрание на првата средба во рамки на дијалогот „Жан Моне“ одржана во Охрид постигнаа согласност за промоција и придвижување на интегративниот процес кон ЕУ, истовремено согласувајќи се за спроведување институционални реформи, меѓу кои и оние што се однесуваат на Собранието како институција од која граѓаните очекуваат да испорача резултати на евроинтегративниот пат.

Во заклучоците усвоени од разговорите уште се наведува нивната подготвеност кон негување на духот на дијалог и компромис, како и зајакнување на легислативните и надзорните капацитети на Собранието, како аспекти од клучна важност за членството на земјата во ЕУ.

– Реално сме убедени дека нашиот дијалог нуди вистинска можност да се стави Собранието не само во центарот на градење консензус во врска со законодавството за поддршка на реформската агенда на ЕУ, но и да ја предводи истата, употребувајќи ја сета своја демократска легитимност, проверка и легислативна надлежност. Со цел да се задржи реформскиот моментум, се согласивме да воспоставиме механизам за имплементација кој би обезбедил постигнатиот политички консензус да се проследи во соодветните тела на Собранието -се наведува во заклучоците од состанокот.

Делегациите на парламентарните партии во рамки на првиот состанок од „Жан Моне“ дијалогот постигнаа консензус по четири клучни области од работата на Собранието и тоа потребата од изготвување Етички кодекс за однесувањето на самите пратеници во и надвор од Собранието, реформи на Деловникот на Собранието за што би била формирана Работна група, соодветни мехамизми за имплементација на договореното во рамки на Дијалогот, што исто така би го спровела Работна група за реформи и работа на Собрание, како и натамошна соработка на административно ниво меѓу Собранието и Европскиот парламент, што би вклучувала и размена на најдобри практики и техничка експертиза.

Првиот работен состанок во рамки на процесот Дијалог Жан Моне: Клучен принцип на консензус за обединет пристап кон Евро-атлантските интеграции за граѓаните на РМ и институционално јакнење на Собранието како демократски столб на сите реформи, инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан ќе биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од БЕСА Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеј Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти.

Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот „3-6-9“, а активностите во рамки на разговорите да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...