Заев од Струга: Реформите што ги правиме се нов квалитет на живот за младите ВИДЕО

231

Овде сме да ги пренесеме нашите први чувства од нашето учество на Самитот на Европската Унија за земјите од Западен Балкан. Заедно да разговараме за можностите без граници. На Самитот сите очи беа вперени во нас бидејќи многу работи се сменија на добро во нашата Македонија. Дојдовме прво во Струга, градот којшто е симбол на мултиетничноста и на европските перспективи.

Ова е пораката на премиерот Зоран Заев кој заедно со вицепремиерите за економски прашања и за европски прашања Кочо Анѓушев и Бујар Османи, учествуваше на трибина „Млади МК-ЕУ, можности без граници“ организирана од RYCO – Регионална канцеларија за соработка на млади, Центарот на заедницата на општина Струга и Здружението Аква, во соработка со Владата.

Заев пред  младите говореше за огромните можности што им се отвораат со интегрирањето на Македонија во ЕУ и НАТО и ги сподели впечатоците од одржаниот Самит на Европската Унија за земјите од Западен Балкан во Софија на којшто се носеа крупни одлуки и решенија за европските перспективи на земјите од регионот, информира Владата.

– Сакам тоа охрабрување да ви го пренесам вам, на младите. Младите се почесто се иселуваат од Македонија, поради политичките причини и заробената држава којашто ја имавме изминатите години, но и поради квалитетот на живот. Владата има фокус да ги менува затекнатите состојби. Сите реформи што ги правиме значат нов квалитет на живот за младите луѓе – рече Заев.

Премиерот потенцираше дека овие моменти се одлучувачки и клучни за иднината на нашата земја и порача дека многу е важно Македонија да добие датум за преговори и Македонија да добие членство во НАТО со што ќе се отворат можностите за нови инвестиции кои ќе отвараат нови работни места за младите луѓе.

– Ја отвораме спиралата на севкупното покачување на платите и креираме амбиент за НАТО и ЕУ интеграции како реални можности за креирање подобар животен стандард -истакна Заев.

Тој додаде дека планираните реформи во основното, средното и високото образование го враќаат квалитетот на знаењата и подготовката на младите луѓе за пазарот на трудот. Во своето обраќање Заев ги охрабри младите луѓе да се прудружат на промената и заедно со сите општествени чинители да се ангажираат во отворањето на европските перспективи на земјата.

– Мора да застанеме заедно и да ја враќаме Македонија на патот. За нашите млади луѓе вредно е да застанеме заедно, да ги отвориме сите перспективи, да ги мотивираме младите луѓе да останат овде, да работат во Македонија и да бидат моторната движечка сила на Македонија – порача премиерот Заев.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...