Илинденска Македонија

Предлогот „Реублика Илинденска Македонија“ е изненадувачки и одличен. Промената на стратегијата од географска кон историска одредница решава многу проблеми. Најважно од сѐ, предлогот доследно и достоинствено го брани нашиот национален идентитет. И затоа, Зоране Заев, сега и во иднина без бланко поддршка од мене за ништо, сега и во иднина под будното око на моето критичко перо, за овој потег - јавно ти честитам!

8050

Иако треба да сочекаме директна и официјална потврда лично од премиерот Зоран Заев – до овој момент јас таква потврда немам – се чини дека македонскиот предлог во преговорите за името сепак е компромисното име „Република Илинденска Македонија“. За севкупна употреба. Првите неофицијални информации се дека тоа е тој предлог за кој во Софија се рече дека е опција прифатлива за двете страни.

Да бидам искрен, предлогот ме изненади. Како што веројатно ги изненади речиси сите кои го следат преговарачкиот процес. Големото изненадување имено е во фактот што наместо географска одредница, македонската страна во преговорите се определува за историска одредница. И тоа таква што постигнува две крупни цели. Од една страна, таа прави јасен дисконтинуитет со наративот дека нашиот македонски идентитет потекнува од империјата на Филип и Александар, дистинкција која со години ја бараат не само Грците, туку и голем дел од освестените македонски граѓани. Од друга страна, таа одредница, тоа ново име, остварува нова нишка на историски континуитет со Првиот Илинден, оној од 1903 година, кој е дел од нашата колективна меморија како прв обид за модерно државотворење на овој дел од Балканот. Се разбира дека не е случајно тоа што Првото заседание на АСНОМ e одржано на 2 август 1944 година (нашиот Втор Илинден). Сега, ако овој предлог биде поддржан од страните во преговорите, ние со право ќе зборуваме за нашиот Трет Илинден.

Идентитетот одбранет!

Многу важно е и тоа што пораките од Првиот Илинден, оној во 1903 година, како во поглед на тогашниот мултиетнички карактер на територијата на која е изведено Илинденското востание (за несреќа, со краткотраен успех), така и во поглед на актуелната мултиетничност на нашата модерна држава, се инклузивни, модерни и проевропски во секој поглед. Тоа ја обезбедува поддршката на албанската и на другите етнички заедници во Македонија за името „Република Илинденска Македонија“. Tаа поддршка е исклучително битна, зашто мултикултурализмот е дел од идентитетот на нашата државна заедница.

Кога сме веќе кај идентитетот, нема да пропуштам да нагласам дека особено ме прави среќен фактот што новото име, не само што не го менува нашиот национален идентитет (зборувам за идентитетот на Македонците, на мнозинската етничка заедница), туку дури и го зацврстува, без да ги засeгне идентитетите на другите етнички заедници. Деновиве се изначитав многу тиради за тоа дека нашиот идентитет бил потрошен и безвреден и дека ако сакаме да бидеме дел од Европа, ќе мора да создадеме еден нов идентитет, да измислиме нова историја и една нова Македонија во секој поглед (која можела да се вика било како).

Во една колумна напишав дека верувам дека Заев не преговара за такво нешто. Признавам, беше тоа и мој личен обид да ја подигнам свесноста на македонскиот премиер за влогот. Можеби беше тоа непотребен обид. Но, како и да е, никогаш не бев и никогаш нема да бидам спремен никому, па ни на Заев, да му дадам бланко поддршка за „било какво решение“ на ова важно прашање. И затоа моето задоволство е големо, бидејќи добиваме предлог кој потврдува дека нашата историја сепак не е лажна, како што пишуваа некои, предлог кој нема да произведе некаков нов и непотребен идентитетски инженеринг, име кое совршено комуницира со нашата државна химна (имаше дури и недоветни барања да сме ја сменеле) и со она што децата го учат во нашите учебници за својата татковина.

Каква би била таа Илинденска Македонија без Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули и без Јане Сандански? За среќа, ете, нема да мора да ги трампаме за Џорџ Клуни, на пример. Нема да мора да се откажеме од Маркота Цепенков, од браќата Миладиновци, од Чернодрински, ниту од нашите современи автори. Не, тие се дал од нашето културно наследство, кое идните генерации ќе го надградуваат со нови вредности, ама знаејќи дека ние не сме дрво без корен, не сме некакво бонсаи засадено во два грама земја.

„Највмровски“ предлог што може да се замисли

Новиот македонски предлог е одличен и затоа што претставува нестандардно решение за еден нестандарден проблем. Именската фраза „Илинденска Македонија“ е толку сложена (на прв поглед тоа се чини проблематично), што од неа тешко ќе се изведуваат придавки кои би биле замена за стандардните со кои се именуваат нашата најголема етничка група и нејзиниот јазик (македонска, македонски). Прашањето на службената идентификација на државјанството ќе се дефинира посебно и тоа воопшто не е спорно. Освен тоа, имам впечаток дека имплементацијата на ова решение во Уставот ќе оди со многу помали интервенции во конститутивниот акт отколку што би биле нужни ако се прифатеше географска одредница за домашна употреба. И натаму стојам на становиштето дека во таков случај, ерга омнес решението за внатрешна употреба би било крајно спорно.

Пред крај на оваа куса анализа, уште нешто. Не гледам начин како ВМРО-ДПМНЕ, раководството на партијата, нејзините пратеници, нејзините многубројни членови и приврзаници, би можеле аргументирано да одбијат еден ваков предлог. Вмровци да бидат против Илинден? Против Гоце, Даме, Јане? Против своите и наши икони? Вмровци да гласаат против предлог кој реферира на еден од најсветлите настани во македонската историја, организиран имено од историската ВМРО? Па тоа би било лудо! Ова сепак е „највмровскиот“ предлог за решение на спорот за името што некој можел да го смисли!

Уште еднаш ќе кажам – предлогот е одличен и ги задоволува интересите и потребите на сите страни. И не е важно кој го смислил (иако еден ден и тоа треба да се обелодени), туку е пресудно кој храбро предлогот го ставил на маса. А тоа е Зоран Заев. И затоа, Зоране, сега и во иднина без бланко поддршка од мене за ништо, сега и во иднина под будното око на моето критичко перо, за овој потег – јавно ти честитам!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...