„Илинденска“ се роди во тензична атмосфера, чека крштевка во Македонија и во Грција

2566
ФОТО: EPA/ALEX HALADA

Предлогот „Република Илинденска Македонија“, како што неофицијално дознаваме, паднал од страна на македонскиот преговарачки тим предводен од министерот Никола Димитров на последната шестчасовна и тензична средба со посредникот Нимиц во грчки Сунио, близу Атина и грчкиот тим со министерот Никос Коѕијас.

На минатонеделната средба во Грција, која медијаторот Нимиц, ја оцени дека била многу сериозна, на моменти и тензична, но призна дека сепак била направена и одредена позитивна работа, немало конкретен договор за новиот предлог, туку било само заклучено двајцата премиери Заев и Ципрас во Софија, да разговараат за предлогот и да дадат насоки дали да се преговара за „Република Илинденска Македонија“ или не.

– Средбата можам да ја карактеризирам како многу сериозна, работевме напорно, многу пати тензично. Направивме одредена позитивна работа. Двајцата министри ќе ги брифираат премиерите во подготовките за нивната средба во Софија следната седмица на 17 мај. Во основа ова е пораката што ја имам – изјави Нимиц по минатонеделната средба крај Атина.

Преговарачкиот тим на Димитров е составен од искусни и професионални дипломати – Паскал Стојчески, шеф на кабинетот на МНР, Игор Џундев, експерт за Обединетите нации, кој беше шеф на кабинетот на Срѓан Керим кога тој претседаваше со Генералното собрание на ОН, потоа Горан Стевчевски, директор во МНР за Југоисточна Европа, поранешен директор во МНР за меѓународно право и дел од тимот што ја подготвуваше тужбата на Македонија против Грција пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, потоа Александра Миовска, раководител, која исто така беше дел од тимот што учествуваше во подготовката на тужбата со која се бараше Грција да ја почитува Времената спогодба од 13 септември 1995 година, затоа што таа е правно обврзувачка за двете земји. Во преговарачкиот тим на Димитров е и Елизабета Ѓорѓиева, која има искуство како поранешен директор во МНР за меѓународно право.

На нашето прашање дали Илинденска Македонија е предлогот што е понуден од македонска страна во преговорите со Грција за конечно решение на долгогодишниот спор, во МНР упатуваат на вчерашната изјава на премиерот Заев кој рече дека во последната фаза од преговорите се презентирани повеќе опции за можни решенија, а за една од нив потврдено е дека може да биде прифатлива и за двете страни. Останува за предлогот да се дискутира со претседателите на Македонија и на Грција, со опозицијата, и ако се прифати, ќе биде официјализиран.


– Имајќи предвид дека процесот на преговарање е во исклучително деликатна фаза, Министерството за надворешни работи, како и многупати претходно, цени дека јавно изнесување на детали, може да им наштетат на преговорите. Оттаму, сметаме дека и улогата на медиумите во овој процес, нивното објективно и фактичко известување е од големо значење. Во однос на вашето прашање, како став и официјална информација поврзана со надминување на разликата околу името, би можеле единствено да ве упатиме на изјавата на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, дадена вчера на прес-конференцијата на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија – велат од МНР за Плусинфо. 

Откако во јавноста излезе неофицијалниот предлог „Репубика Илинденска Македонија“, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, побара итна лидерска средба за името. Посебна средба за името на лидерите на политичките партии засега не е најавена, а вечерва во Охрид во рамки на дијалогот „Жан Моне“ се очекува присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами.

Од Владата денеска најавија дека лидерската средба ќе се случи во скоро време и дека нема да следат натамошни коментари дури за текот на преговорите не бидат информирани претседателот на државата, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и другите лидери.

На неофицијалните информации за предлогот „Република Илинденска Македонија“ се налепи и бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој за бугарската БТВ изјави дека слушнал дека се спомнува и Илинденска, како и Вардарска и Северна.

– Илинденското востание е бугарско востание. Немаме претензии кон името на Република Македонија, имаме претензии да не ја игнорираме историјата и сме против тоа да се прогонуваат луѓето со бугарска самосвест во Македонија. Важно е, овој вештачки спор за името да заврши затоа што го отежнува патот на Македонија за членство во ЕУ – изјави Каракачанов.

ФОТО: EPA/ALEX HALADA

 

 

 


 
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...