ВМРО – ДПМНЕ бара итна лидерска средба за името, откако вчера попладнето во јавноста се појави неофицијална информација дека Република Илинденска Македонија, е новиот предлог од македонска страна во преговорите со Грција.
-ВМРО – ДПМНЕ нема никакви детали ниту информации за разговорите за името. Владата досега одбива лидерска средба во формат кој е единствено транспарентен за вакво едно прашање. Затоа ние ќе го реафирмираме ставот за итна лидерска средба. Не би коментирале предлози и идеи кои се неофицијални и хипотетички – одговара опозициската партија ВМРО – ДПМНЕ на прашање на Плусинфо, како ги коментираат неофицијалните информации за наводниот предлог Република Илинденска Македонија.
Овој предлог излезе во јавност откако вчера премиерот Зоран Заев во Софија спомна дека има опција за името што била прифатлива и за Грција.
Владата и МНР досега ниту ја потврдија, ниту ја демантираат информацијата, а наводно според неофицијални сознанија, предлогот Република Илинденска Македонија би бил и за внатрешна, и за надворешна употреба, што би покренало промени и во македонскиот Устав, услов поставен од грчка страна.