„Браќа земљаци и мили комшии!“
Вака почнува Крушевскиот манифест, напишан на 6 август, пред 115 години. Вчера земав да го препрочитам – и ве охрабрувам да го сторите тоа, за да видите дека имало луѓе со големи, модерни визии и пред еден век и на овие географски широчини – оти стигна аберот од Софија дека „Република Илинденска Македонија“ е можниот македонски предлог за новото име на Република Македонија.
Вечерта направив блиц-анкета на неколку пријатели вмровци: Како ви се чини новово име? „Би гласале за него со двете раце!“, велат тие некако помирливо „издишани“.
Бреееј, каква итроштина! Во овој момент не знаеме кој е авторот на тој предлог – би била прекрасна финеса оваа идеја да му се родила на некој етнички Албанец, а би се приближиле до сублиминална нестварност инспирацијата да е дојдена од некој Турчин! – но, на неговата сегашна објава стои „муртински“ македонски печат: енергичноста и оптимизмот на овој Зоран Заев во еден здив ќе ја „позлатат“ и оваа интелигентна идеја, бидејќи предлогот во себе ги содржи сите неопходни димензии за од една, по дефиниција, преговарачка дефанзива, со срамна принуда да го менуваш името на сопствената држава, да излезеш во полна офанзива, со блескав ефект од таквите преговори да го унапредиш столетниот државен и национален идентитет на начин прифатлив за сите. Отстапката да се претвори во предност, нешто слично како кога Барса, во ненадеен контранапад, дава гол во 89 минута!
На крајот ќе излезе дека со толку проблематичното барање за менување на Уставот, овој предлог во Македонското собрание можеби ќе биде изгласан со акламација!
Додуша, до овој момент, официјална потврда дека ова име е ставено на премиерската договарачка маса, нема. Се разбира, не треба да се потцени ни можноста Грците и со овој предлог да не се согласат и да му најдат мана на начин што сега не можеме ни да го замислиме. Раширени се тврдењата дека, на Грците, не им е до прифатлив предлог за името, туку до потребата Република Македонија да има да ја нема.
А и во македонската јавност ќе се најдат такви кои ќе му фатат „кусур“ на ваквото можно решение, ако поради ништо друго, тогаш од чисто принципиелни причини, макар и од инает да не им се попушта на Грците. Ете, можеби некој ќе каже дека ова име недоволно го одразува „античкиот карактер“ на библискава земја; дека имево не е згодно преводливо на англиски јазик; или дека од едно преурането и набрзина задушено востание не треба да се гради нова идентитетска митологија?
Но, дури и без разлика како ќе заврши и оваа перипетија, предлогот е како створен ем за спасување на честа ем за одржување на сериозната и со мака вратената позиција на државата на меѓународна сцена. Со ова, иницијативата е на наша страна, „топката“ е во противничкиот шеснаесетник.
„Ура! За Афтономна Македонија!“, како што стои на крајот од Крушевскиот манифест.
Извор: Цивил медиа