Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, потпиша нов договор со кој во англискиот клуб ќе остане до 2021 година.
– Многу сум среќен и возбуден. Задоволство е да се работи овде. Ме радува што можам да работам секој ден со вакви играчи. Во следните години ќе се потрудиме да го дадеме најдоброто од себе. Како тренер мора да се чувствувате добро со играчите, а овде се чувствувам така. Ќе се фокусирам да бидеме подобар тим – истакна Гвардиола.
Манчестер сити сезонава ја освои титулата во Премиер лига со рекордни 100 поени, а го освои и Лига купот.
Гвардиола по овој успех беше прогласен за тренер на сезоната во изборот на Асоцијацијата на тренери.