Самит во Софија: Недвосмислена поддршка за европерспективата на Западен Балкан

126

Лидерите на Европска унија и земјите членки на ЕУ, во консултација со партнерите од Западен Балкан денеска во Софија усвоија Декларација во 17 точки, со кои е повторена недвосмислената поддршка за европската перспектива на регионот, а исто така се наведени и задачите и принципите што треба да бидат исполнети за време на процесот на евроинтеграција.

Усвоен е и Анкес на декларацијата што се однесува на зајакнување на врските и соработката помеѓу ЕУ и Западен Балкан.

– ЕУ ја поздравува заедничката посветеност на партнерите од Западен Балкан на европските вредности и принципи и визија на силна, стабилна и обединета Европа поддржана со нашите историски, културни и географски врски и нашите взаемни политички, безбедносни и економски интереси – се наведува во првата точка на документот.

ЕУ повторно ја потврди недвосмислената поддршка за европската перспектива за Западен Балкан.

– Врз основа на досегашниот напредок, партнерите од Западен Балкан ја потврдуваат својата посветеност на европската перспектива како свој силен стратешки избор и ги зајакнуваат своите напори и взаемна поддршка. Кредибилитетот на овие напори зависи од јасните информации од јавноста – се посочува во Декалрацијата.

Исто така се наведува и дека ЕУ е одлучна да ја зајакне и интензивира својата посветеност на сите нивоа за да ја поддржи политичката, економската и социјална трансформација на регионот, вклучително и со зголемување на помошта.

– ЕУ ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан на владеење на демократијата и владеење на правото, посебно во борба против корупцијата и организираниот криминал, доброто управување и почитување на човековите права и правата на припадниците на малцинствата – се истакнува во документот, при што се додава дека граѓанското општество и независните медиуми имаат клучна улога во процесот на демократизација.

Европската унија ја поддржува и посветеноста на партнерите од Западен Балкан да продолжат да воспоставуваат добрососедски односи, регионална стабилност и меѓусебна соработка.

– Ова опфаќа, посебно, изнаоѓање и спроведување на дефинитивни, инклузивни и обврзни решенија за нивните билатерални спорови, кои се вкоренети во наследството од минатото, како и понатамошни напори за помирување – се посочува во Декларацијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...