Истражувачката дејност и економското моделирање беа во фокусот на разговорите на работните средби на претставници на Народната банка на Македонија и претставници на Хрватската народна банка.
Како што соопштија од НБРМ, одржаните работни средби се дел од веќе воспоставената плодна билатерална соработка помеѓу двете централни банки.
„Во рамки на средбите беа загатнати повеќе релевантни теми, како од аспект на организациската и функционалната поставеност на овој сегмент од централнобанкарското работење во двете институции, така и од аспект на актуелните истражувања коишто се на агендата на централните банкари и пошироката научно-истражувачка заедница во овој период“, се наведува во соопштението.
Работната посета на Хрватската народна банка, додаваат од НБРМ, била искористена како платформа за дискусии, заемна размена на искуствата и тековните практики, со надеж дека тие ќе придонесат за поттикнување нови идеи и за изнаоѓање модалитети за продлабочување на досегашната успешна соработка, вклучително и преку градење партнерски однос во идни заеднички истражувачки проекти, што е од интерес на економиите на двете земји.