Вучиќ за Фајненшл тајмс: „Ниту еден Александар не преживеал на власт“

Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјавил дека тој е „опседнат со Косово“.

1476
Aleksandar-Vucic-Srbija-EPA-EFE-FELIPE TRUEBA

Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за „Фајненшал тајмс“ изјавил дека тој е „опседнат со Косово“, пренесува N1.

Вучиќ на новинарите на весникот им зборувал за решавање на косовскиот проблем, без што, рекол тој, „сѐ што сум постигнал не би било одржливо и првата криза ќе не убие“.

Јас нема да бидам Путиновата „петта колона“ во ЕУ
Според ФТ, на Вучиќ му се додворуваат Кина, Обединетите Арапски Емирати, како и „повремениот сојузник на Србија, Русија“, но лидерите на ЕУ, особено германската канцеларка Ангела Меркел сметаат дека тој е најдобрата шанса кој Србија ќе ја внесе во европските текови.

Но, критичарите велат дека ЕУ со него постигнала „договор со ѓаволот“ надевајќи се дека понудениот морков ќе ги поттикне реформите, ќе ги зајакне демократските институции, борбата против корупцијата и решавањето на прашањето на Косово.

– Деветте телевизиски екрани во неговата канцеларија укажува на тоа дека тој е човек кој следи сè – и секого. Некои стравуваат дека тој би можел да стане нов Виктор Орбан, унгарски лидерот кој од либерал стана националист, кој се согласи со правилата на ЕУ за добивање членство само за да ја нападна одвнатре. Таа паралела, вели Вучиќ, „99 отсто е ѓубре“ наведува ФТ.

  • Вучиќ беше почесен гостин на воената парада во Москва минатата недела и го започнува својот работен ден во 6.30 со часови по руски јазик – пишува ФТ и додава дека српскиот претседател отфрла дека би можел да биде „петта колона на Путин во Европа“. Тој рекол дека секогаш бил јасен во разговорите со рускиот претседател дека „Србија останува на патот кон ЕУ“.

Уште една војна би ја уништило земјата
Новинарите на Фајненшл тајмс велат дека на терасата во претседателската палата, Вучиќ им рекол дека тука се убиени кралот Александар и кралицата Драга во пучот во 1903. „Ниту еден Александар не преживеал на власт“, рекол Вучиќ мелодраматично.

Зборовите на Вучиќ не се баш суптилен потсетник со какви предизвици се соочува самопрогласениот модернизатор додека оди по патот на економските реформи, политичката стабилизација и кон членство во ЕУ, пишува весникот, додавајќи дека претходниот прозападен лидер на Србија, премиерот Зоран Ѓинѓиќ беше убиен во 2003 и дека судбината на Србија на Запад е далеку од сигурна.

Вучиќ останува нејасна личност – започна како ултранационалист, беше министер за информации во времето на Слободан Милошевиќ, но во 2008 раскрсти со лидерот на радикалите Воислав Шешељ и ја основа проевропската Напредна партија на Србија, наведува ФТ.

„Почнувате да се прашувате дали тие (радикални) работи се единствените работи вредни за борба“, рекол Вучиќ за своето минато и додал дека „уште една војна ќе ја уништи земјата и ќе ја уништи иднината на српскиот народ засекогаш“.

Ако не го решиме проблемот со Косово, првата криза ќе не убие
Британскиот весник наведува дека за членство во ЕУ, Вучиќ најпрво мора да го реши прашањето со статусот на Косово.

– Јас сум опседнат со Косово. Без решавање на тој проблем сè што сум постигнал нема да биде одржливо. Првата криза ќе не убие – рекол Вучиќ.

Весникот додава дека министрите за надворешни работи, Ивица Дачиќ, и министерот за одбрана, Александар Вулин, отворено се залагаат за поделба на Косово, но дека тоа не е прифатливо за западните сили, како и за многумина во Србија, меѓу другите за Српската православна црква.

„Здраво“,ги пренесува венсикот зборовите на патријархот Иринеј кога ги пречекал новинарите од ФТ. „Дали сте Британци или Американци? Дали ќе ни го земете Косово? Нема да го дадеме Косово по никоја цена. Ние сме Европејци. Ние сме за влез во ЕУ, но не ако цената е Косово“.

Фајненшл тајмс пишува и дека Србија ја напуштаат по 30.000 луѓе секоја година, што, според критичарите, се должи на владеењето на Вучиќ. „Покрај фискалната консолидација и приватизацијата – што не е малку – Вучиќ не започна да ја расчистува корупцијата“, се вели во текстот на Фајненшал тајмс.

Весникот додава дека се проценува дека партијата на Вучиќ има 600.000 членови, од кои повеќето се вработени во јавниот сектор, што подразбира дека членството во СНС е услов за вработување, напредување или договор.

Подготви: А.Ј.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...