Борисов: Што е можно побрзо да се реши спорот со името

470

Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска од Софија изрази надеж дека што е можно поскоро ќе се реши спорот со името меѓу Македонија и Грција.

Борисов ова го изјави еден ден пред официјалниот почеток на Самитот ЕУ-Западен Балкан што се одржува во Софија, како и ден пред новата тет-а-тет средба меѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, која ќе се одржи на маргините на Самитот, утре во 10:30 часот по бугарско време, јави известувачот на МИА од Софија.

– Се надеваме дека конечно ќе се реши спорот со името на Македонија. Тоа е ваша работа. Ние само се надеваме, немојте да помислите дека ви солиме памет – рече Борисов на конференцијата „Дијалог со Западен Балкан: создавање на регион на раст, безбедност и поврзаност на патот кон Европа, која се одржа еден ден пред утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан.

Нагласи дека полека, со дијалог, методично, чекор по чекор на крај сите се согласиле и ќе присуствуваат на Самитот.

– Македонија има 11 милијарди БДП, Србија, 41 милијарда, Албанија 13 милијарди, Косово осум милијарди, Босна и Херцеговина 17 милијарди, Црна Гора четири милијарди, а Бугарија 57 милијарди – појасни бугарскиот премиер, чија земја како претседавач на ЕУ е домаќин на Самитот во Софија.

Според него, земјите од Западен Балкан според БДП повеќе наликуваат на Словачка, отколку на Романија.

– Што е толку страшно, зошто толку се плашите, ги праша тој европските лидери во однос на интегрирањето на регионот во Унијата.

На конференцијата присуствуваа политичари и претставници на невладини организации од земјите од регионот и од ЕУ.

Главна тема е европската перспектива на земјите во регионот и начините за нивно поврзување.

Бугарија е домаќин на Самитот ЕУ – Западен Балкан на кој присуствуваат лидерите на 28 земји членки на ЕУ и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...