Три часа судиите и обвинителите го распрашуваа Фејзи Азири обвинет во „Монструм“

643
Немав врска со овој настан. Тој ми е монтиран од полициските органи, вака ја започна својата одбрана Фејзи Азири, четвртообвинет во случајот „Монструм“.
Тој одговараше на прашањата на судиите, обвинителите и адвокатката на семејствата на жртвите. Азири зборуваше пред преполна судница во Кривичниот суд, па на моменти било кој дел наменет за јавноста каде беа сместени новинарите и семејствата на жртвите, не можеше јасно да се слушне што зборуваше.
Од она што можеше да се разбере, тој во детали раскажа што правел на 12 април 2012 година, датумот кога се случи масакрот кај Смилковако езеро. Тој кажа дека станал во 6 наутро, се спремил и тргнал накај неговата фарма во Белинбегово. Од таму се вратил дома околу 8.30 часот, се спремил и заминал накај Кривичниот суд на судење за случај со пукање на неговата фарма од 2009. Во што бил облечен, каде заминал од судот, со кого разговарал телефонски со саатници раскажуваше Азири пред преполната судница.
Тој е во роднинска врска со двајца од другите обвинети. Бегалецот Алил Демири му е внук од сестра, а Хаки Азири внук од брат. Фејзи Азири според обвинението, е оној кој на 26 април 2012 го организирал бегството во Косово на првообвинетиот и второобвинетиот, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
Токму затоа, обвинителката Фатиме Фетаи му рече во детали исто како за 12 април 2012 да раскаже и што правел на 26 април 2012. Тој ден, Азири кажа дека меѓу другото разговарал со неговиот внук Демири кој му побарал пари и се виделе. Најпрво Азири отишол да го бара во интернет-кафе каде се договориле, но Демири му се јавил и рекол да дојде кај ресторан на крајот од Арачиново. Азири отишол таму и според неговото сведочење, после тоа не се видел со внукот. Тој кажа дека потоа сакал да оди во селот Брест каде било бачилото во кое ги носел овците напролет. Азири барал џип од пријател за да може да отиде до таму да биди какви се условите.
На истиот дел, за деталите, саатниците, кога се слушнал и видел со внукот, кога го барал џипот, колку време му требало да отиде до бачилото по вторпат го прашуваше и колегата на Фетаи, обвинителот Гаврил Бубевски.
Обвинителката Фатиме Фетаи го праша и дали некогаш воопшто контактирал со политичари и за што разговарале. Азири кажа дека најмногу контактирал со политичари од ДУИ, со Али Ахмети се видел неколку пати во партиските простории, никогаш не разговарале со него по телефон туку само во живо и разговарале за партијата. Со министри и директори од редовите на ДУИ разговарал и телефонски, меѓу нив го спомна Невзат Бејта. Азири рече дека зборувале за неговите работи бидејќи се занимавал со земјоделство и сточарство. Тој кажа и дека пред 10-20 дена од затворот во Штип разговарал и со неговиот внук, првообвинетиот Алил Демири кој е во бегство. Тој знае само дека е во Косово и има косовски мобилен број.
Судењето продолжува зна 23 мај со распит на другите обвинети. Понатаму во судската постапка ќе се изведуваат докази.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...