Некомуникативна проектантка му создава главоболки на Шилегов

3350

Сериозен проблем со водоводна инсталација ја кочи изградбата на булеварот Христијан Тодоровски Карпош во општина Бутел. Градот Скопје работи на изнаоѓање техничко решение, за да може да продолжи изградбата.

Ова го истакна градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов денеска одговaрајќи на новинарски прашања и посочувајќи дека тоа е проект што го наследил и оти проблемот е што не била предвидена и била испроектирана водоводната инсталација, односно нејзино дислоцирање од потегот каде што се одвиваат градежните работи.

– Проектантот е недостапен, жената која го има проектирано е некомуникативна и не сака да соработува со Градот. Градски водовод работи на изнаоѓање на техничко решение на проблемот. Додека технички не се надмине прашањето со водоводот, не може да се продолжи со градежните активности. Мене ми е жал што градежните активности се почнати без да бидат отстранети овој тип на проблеми – изјави Шилегов.

Тој потенцира дека не може да се затвори градежната целина бидејќи во тој дел не може да се изведуваат во моментов градежни инсталации, бидејќи ќе се доведе во сериозна опасност водоснабдувањето на граѓаните во тој дел од градот.

Тој очекува дека во наредниот период ќе биде надминат проблемот со водоводот, со цел да се довршат градежните активности на булеварот Христијан Тодоровски Карпош.

Во тек и решавање на проблемот со градежните активности на кружниот тек на поранешна последна „24“.

– Таму е започнат да се изведува инфраструктурен објект без да биде завршена експропријацијата и објектот стои повеќе години а граѓаните во тој дел од градот се гушат во прашина, газат по кал, вода им влегува во нивните домови затоа што некој влегол да реализира нешто без да биде направена основна подготовка. Вчера ги потпишав документите, ги завршивме преговорите со сопствениците на седум имоти и очекувам веќе денеска во Министерството за финансии да се спроведат договорите со цел да се изврши експропријацијата за да може градот да ги продолжи таму во текот на летово градежните активности – истакна Шилегов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...