ВМРО-ДПМНЕ пресече – ќе протестира на 2 јуни пред Владата

742

На 2 јуни ќе се оддржи големиот народен протест, одлучи вечерва ВМРО-ДПМНЕ на седницата на Централниот комитет, потврди за Плусинфо висок партиски функционер.

Протестот неодамна го најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски, а денеска генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, одговарајќи на новинарско прашање, соопшти дека денеска ќе се знае и точниот датум.

Обновено

– Се приближува една година од владеењето на СДСМ односно од владата која што ја предводи СДСМ во коалиција со ДУИ. Гледаме дека поминува една година со неисполнети очекувања, нереализирани ветувања, економијата комплетно е разурната. Гледаме дека нема реформи ниту во образованието ниту во здравството, ниту во социјалата, апсолутно празни политички памфлети. Една година на големи разочарувања во Република Македонија и логично е да ВМРО-ДПМНЕ како одговорна, државотворна, сериозна партија, отвори внатре партиска дебата за тоа што и се случуваше на Република Македонија во изминатите скоро една година, Влада на СДСМ. Но, истовремено да понуди еден гантограм на активности кој што ќе следува во периодот понатаму.
Вчера на седницата на Извршниот Комитет и денеска на седницата на Централниот Комитет ја разгледувавме актуелната политичка и економска ситуација во Република Македонија, ги разгледувавме актуелните теми кои што живот значат за граѓаните во Република Македонија. Оваа трета генерација политичари на ВМРО-ДПМНЕ учеше од првата генерација, растеше со втората генерација и како основна цел и задача си постави да ги порази остатоците од транзицијата, а тој пораз ќе започне со организирање на еден огромен народен протест кој што ќе се случи на 2-ри Јуни во 20 часот пред Владата на Република Македонија. Ја користам оваа прилика да ги поканам сите оние добронамерници сите оние обесправени, сите оние разочарани, сите оние излажани од страна на Зоран Заев и политичарите околу Зоран Заев. Ги поканувам да ни се придружат да застанат рамо до рамо со нас, да тргнеме во офанзива, да тргнеме во оваа битка и конечно да ја поразиме оваа ненародна влада која што и се случува на нашата татковина – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На прашање дали ќе биде еден протест или ќе следуваат серија на протести, тој рече дека засега ќе организираат протестен собир на 2-ри јуни во 20 часот пред Владата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...