Ревизија

Јас, извинете, такви колеги ни прифаќам ниту пак ги есапам за живи, денес и овде. И тоа не е ригиден став, тоа е само сериозно обмислен одговор на нивното довчерашно однесување кое што ја чинеше државава не (само) пари, не (само загубено) време, туку углед во Европа и светот и назадување во процесите за кои што мислевме дека сме ги надминале!

363

Кога Тричковски вели дека „без радикална ревизија (…) нема ништо, (…) ни Култура, ни Општество, ни Нација, ни Држава“, тоа никако не е вообичаена флоскула за некакво неопходно (и, во крајна линија, можеби последно можно) демократско освестување во државава туку, по се’ што видовме, се покажува и како императив за преживување на демократијата на овие простори.

Да, тоа звучи прилично дефетистички, дури безнадежно, зашто сите тие последни шанси ние по обичај ги пропушт(в)аме и не сум сигурен дека ваквите историски мигови – мигови за сериозни и важни одлуки – се баш така лесно повторливи. Се разбира дека ниту една власт не може да ги исполни очекувањата на сите, често дури и на најогнените нејзини приврзеници, па и соборци. Но овде воопшто не станува збор за тоа. Уште помалку станува збор за остварување / изневерување на некакви (утописки?) идеали, можеби во Шилерова смисла, кои, верувам, многумина ги имаа во таа „македонска пролет“, односно за тоа дека сега и тука сите ќе бидат задоволни и се’ ќе биде прекрасно. Далеку сме ние од таквите идеали! Ние, со „нашено“ Скопје 2014 кое изгледа е смртоносно отровно и никој не смее да го допре, сме предалеку дури и од враќањето некои веќе стекнати естетски идеали, инаку природни за овие простори. Значи, тоа се нешта кои и понатаму ќе продолжиме да ги сонуваме, до некој поубав ден, ако воопшто.

Но, ние денес, речиси една година по воспоставувањето на новата демократска власт, сѐ уште ламентираме за очекуваниот конечен демократски пресврт во целокупното функционирање на државата, за трасирањето не идеален туку барем безбеден пат за демократската мисла и иднината на таа толку чекана демократија. Поточно, голем дел од (не само) интелектуалната јавност ја разбираше демократската обнова и како проветрување, пребројување и ревидирање на македонските демократски и интелектуални потенцијали преку јасно и гласно поставување на границите – ако треба и жар црвени – на толеранција на антидржавното и антидемократското (што му доаѓа на исто!) однесување. А во таа насока и ревизијата за која говори (не само) Тричковски, и тоа во сите сегменти на државното функционирање. Зашто, ако онаа Бришковска сега повторно ни ги пишува законите, ако оној Дурловски директно од притвор се враќа на сцената на МОБ, ако уште илјадници режимски профитери и осведочени клиенти сѐ уште ни солат памет што и како треба да се прави во државава, тогаш – да не сме згрешиле некаде, да не сме го утнале правецот? Или, како што пишува Ризаов, ако оние гериз медиуми и уште погериз новинари, „соучесници во инсталирањето на груевизмот, креатори, апологети и слуги на режимот“ сега ни ги/се „претставуваат како храбри праведници“, која и каква е тогаш поентата на демократските (медиумски) промени во земјава? Тие ли се, повторно, новите демократи, реформатори, професионалци …? Па тогаш и она глупоно фирерче ли ќе продолжиме да го гледаме и слушаме како мерило за право и правда во државава? И впрочем, зборовите на Ризаов можете комотно да ги спрострете во секоја област од македонското живеење, од медиумите, преку културата до бизнисот, и резултатот ќе биде идентичен: сите режимски бараби сега се преродбеници, реформатори, „шарени“ или барем повеќебојни, прогресивни и демократски настроени. Тогаш, ви доаѓа да (се) запрашате: па добро, кој the fuck го поддржуваше режимот толку години? Има ли некој одговор на ова прашање ако сите, денес, сме со Заев и со новата Влада, проширена и надградена?

И во таа насока, а следејќи ја логиката на цитираната поента за медиумите, ако некој мислел дека, ете, малубројните сериозни новинари / медиумски личности во државава – па нека се и десет, а повеќе се – цврсто ќе застанат во одбрана на професијата и нејзините демократски стандарди дури ако тоа подразбира и одземање на лиценци, концесии и дозволи за работа и сѐ друго што следи после онаква дванаесетгодишна медиумска харанга каква што преживеа македонското општество – тој некој дефинитивно се излажал. Ама не се излажал само за медиумите, туку комплетно ја утнал приказната во сите важни државни државни сегменти – во образованието, во културата, во здравството, во науката, во бизнисот. Многу е? Епа – многу и беше, односно илјадници криминалци и режимски профитери во сите овие државни сегменти заработуваа на туѓата мака, врз грбот на деградираните и дискриминираните, грабаа за себе и за партијата од данокот плаќан од сите граѓани на оваа држава. Ако само јас можам да набројам стотина такви бараби во културата, зарем не можеме сите заедно да дојдеме до некоја приближна бројка во државава што одговара на реалната состојба со овие македонски гниди? Или – не сакаме? Зошто? Бидејќи ни се колеги? Јас, извинете, такви колеги ни прифаќам ниту пак ги есапам за живи, денес и овде. И тоа не е ригиден став, тоа е само сериозно обмислен одговор на нивното довчерашно однесување кое што ја чинеше државава не (само) пари, не (само загубено) време, туку углед во Европа и светот и назадување во процесите за кои што мислевме дека сме ги надминале! И нема да поставувам прашања за други области кои што, да речеме, ми се подалечни, иако не се, ама ќе прашам, на пример: немаше ли, денес, ИКОМ друг модератор на престојното советување освен бившата претседателка која ја преспа целата измината деценија и комплетно го премолча најголемиот злостор во македонската музејска практика – незаконското полнење на депоата на македонските музеи со вмровско „уметничко“ ѓубре? И тоа е е едно од најбенигните прашања што можам да ги поставам, сега и тука, за македонската културата и барабите кои се’ уште (дури кочоперно!) шетаат низ македонското културно милје.

Затоа, да се вратам на Тричковски: ако една држава, која што претендира да биде сериозен европски партнер, не умее да се справи со 2-3, па нека се и 10-20 илјади, или дури и повеќе, бившорежимски бараби во нејзината администрација, за што тогаш ние разговараме? За демократија, за прогрес, за стандарди, за идеали?

Извор:Теодосиевски:За уметноста

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...