Вкупно 50 барања за судење во разумен рок се поднесени до Врховниот суд на Република Македонија во рамките на проектот „Судењето во разумен рок е право, а не привилегија – ајде да го почитуваме!“, финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија и спроведен од Зелена лупа.
Во рамки на проектот денеска во Скопје се одржа трибина со граѓани жртви на предолги судски постапки, кои што траат по повеќе од 10 или 15 години, на која присуствуваа и експерти, адвокати и холандскиот амбасадор Вилем Ваутер Пломп.
На трибината, како што информираат организаторите, било заклучено дека Врховниот суд на РМ, не одговара навремено на поднесените барања, не само за поднесените 50 барања преку Зелена лупа, туку и за останати 150 предмети, кои се под мониторинг од страна на Граѓанската организација.
Поднесените барања, како што информираат, се однесуваат на различни видови на судски постапки и тоа 22 барања за предмети поврзани со стечајни постапки, девет барања за управни постапки, три барања за работни спорови, три барања за парнични постапки и 13 барања за кривични постапки.
Барања се поднесени со договори за стратешко застапување преку Зелена лупа, а со финансиска поддршка од амбасадата на Кралството Холандија.