Тони Десковски, одличен познавач на преговорите за името, со кого вечерва ќе имам задоволство да дебатирам на телевизијата 24 Вести, заедно со професорот Ѓорги Спасов, на својот профил на Фејсбук нѐ потсети – и нѐ просветли, го велам ова без иронија! – дека erga omnes формулата за меѓународна, но и за домашна употреба, била дел од планот на Венс и Овен уште од 1993 година.
Интересно е дека во делот од документот што го постира Дескоски, конкретно во точката 12 б, јасно и гласно пишува дека македонската страна го одбива таквиот предлог, односно преферира име само за меѓународна употреба. Тоа е она што јас упорно го тврдам со денови – да, гледаме дека за грчката страна формулата erga omnes значи ново име за нашата земја и за меѓународна и за официјална употреба кај нас, дома, на сите нивоа; да, можно е тоа да е разбирање и на меѓународните посредници во спорот; но, факт е дека секогаш постоела јасна и прецизна позиција на македонската страна дека ние преговараме за компромисно име само за меѓународна употреба.
Веќе напишав, верувам дека тоа е и позицијата на владата на Заев.
И затоа, не ги разбирам ниту мотивите, ниту беневоленцијата, а уште помалку божемните „аргументи“, со кои некои наши домашни интелектуалци ја бранат идејата за комплетно преименување на нашата земја (erga omnes за сите употреби) и за создавање еден нов, свеж, „плоден“ идентитет, многу различен од овој сегашниов, кој наводно изумира, заедно со нас. Тврдам дека тоа е само една симпатична, ама сепак комедијантска поза, со која не може да се изгради преговарачка, а уште помалку сериозна политичка позиција што утре ќе треба јавно да се брани и одбрани.
Ги испраќам Заев и нашите преговарачи во Софија со желба за успех во преговорите (ако се преговара). Нека ја имаат на ум и следнава дилема – ако решението erga omnes за сите употреби (надворешна и внатрешна) навистина е спас за Македонија и ако тој предлог постои веќе 25 години, како тоа на Киро Глигоров, на Бранко Црвенковски, на Денко Малески, на Вања Тошевски, подоцна на Љубомир Фрчкоски и на уште десетина други врвни македонски политичари и дипломати, не им текнало да ја зграбат таа формула и да го решат проблемот уште пред четврт век?
Зарем е можно сите тие да биле глупави, недоквакани, неинформирани и оптоварени со своето разбирање на „безвредниот“ македонски идентитет, та не биле визонери да го решат проблемот на оваа земја, да ја воведат во Европа и во НАТО и така да си создадат политички капитал, кој потоа спокојно ќе го оплодуваат останувајќи на власт со години, можеби и со децении?
Можно ли е баш ние да сме толку попаметни и поитри од нив?