Заев ќе ја почитува пресудата што ќе ја слушне во понеделник ВИДЕО

395

Преквалификувањето на делото во „Поткуп“ е најмалку што можеше да го направи Обвинителството за да се сочува неговата чест во тоа време, рече Зоран Заев откако заврши главната расправа за случајот „Поткуп“.

Судијата Дарко Тодоровски пресудата ќе ја соопшти во понеделник во 12 часот.

– Случајот „Поткуп“ докажува дека институциите на мојата земја од политички причини на незаконски начин биле злоупотребени со единствена цел да ме спречат или дискредитираат во објавувањето на политичките бомби. Задоволен сум од можноста на фер и законит начин преку одбраната да ја докажам мојата невиност и поради тоа ќе ја почитувам секоја судска одлука – рече Заев внатре во судница.

Aдвокатот на Заев, Филип Медарски, во неговите завршни зборови побара ПИ мерките, видео снимката од градоначалникот кабинет во Струмица на Зоран Заев и телефонските разговори повеќе да не важат.

– Одбраната предлага доказите со ПИ мерките да се издвојат од списите на предметот и да не се ценат при донесувањето на судската одлука во овој предмет од причина што за ова кривично дело не се предвидени и не можат да бидат определи ПИ мерки, па на нив не може да биде заснована судска одлука – рече Медарски.

Уште пред тој да започне со завршните зборови, самиот судија Дарко Тодоровски рече дека судот дополнително ќе одлучи за ова.

Најголем дел од говорот Медарски го посвети на сведокот, бизнисменот Иван Николов кој е клучниот доказ во предметот.

Адвокатот посочи на неконзистентноста и контрадикторноста во исказите на Николов и во текот на истрагата пред обвинителството и во текот на судењето пред судот.

Николов даде различните искази дека најпрво Заев барал 3 евра дополнително по квадрат, потоа 3 евра но по едно за црквата, СДСМ и за Заев, па само две евра (едно за Заев и едно за црквата).

Медарски зборуваше и дека бил агент провокатор, односно како што кажа и самиот сведок, правел како што ќе му кажат од Обвинителството. Такви случаи, рече Медарски, секогаш паѓале во европската пракса.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...