ВМРО-ДПМНЕ смета дека е скандалозен ангажманот на Ѓорѓи Калајџиев на советничка листа на премиерот Зоран Заев.
– Овој човек од позицијата одговорен уредник на регионалната телевизија ВИС во Струмица е ангажиран за советник на премиерот Заев. Тој патем, сѐ уште е новинар па се поставува прашањето дали е етички еден новинар истовремено да биде и новинар и советник на премиерот. Дали овој човек со парите на граѓаните истовремено ќе има задача да ги велича политиките на СДСМ и Заев, токму во медиумот каде што е новинар во моментов? Дали Ѓорѓи Калајџиев го оди патот на Роберт Поповски и Мухамед Зекири кои од новинари што правеа интервјуа на Заев, добија државни функции и високи позиции и со тоа им се исплати нивниот ангажман во време кога беа новинари претходно – рече Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ја повика Владата да одговори за квалификациите на Силвио Аврамовски, кој е назначен за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блиски Исток.
– Јавноста ја интересира дали со нивни пари се плаќа човек кој учествувал во вооружен инцидент и пукал во припадник на безбедносните сили? Повторно прашуваме, дали Силвио Аврамовски во локалот „Ин да клаб“ во Тетово пукал и потоа бил процесуиран од страна на истражните органи? Дали Силвио Аврамовски бил осуден за вооружениот инцидент и одлежал казна затвор? Дали можеби Силвио Аврамовски потоа бил помилуван? – праша Арсовски.