Две деца од градинка „Пролет“ во Општина Карпош, која се наоѓа во населбата Козле, се заболени со вирус „коксаки“.
Управата на градинката „Пролет“ веднаш го известила Центарот за јавно здравје, Одделението за епидемиологија, по што, е извршена дополнителна дезинфекција во групите каде што престојуваат децата, како и во другите простории на објектот.
Преземени се сите мерки неопходни при вакви случаи. Покрај тоа, превентивно, според Протоколот, медицинско лице – специјалист, извршило прегледи и врз останатите деца и е констатирано дека „коксаки“ вирусот не е проширен кај другите дечиња.
Престојот во градинката се одвива без прекин, со вообичаената динамика, и без дополнителни препреки.
Освен тоа, во текот на изминатата недела, Општина Карпош спроведе тековна, пролетна дезинфекција на сите градинки на територија на Општина Карпош.
Kоксаки вирусите се едни од најмалите ДНК-вируси што можат да предизвикаат разни заболувања кај луѓето, особено кај децата. Постојат два вида на овој вирус – тип А и тип Б. Вирусот коксаки од типот А е многу посилен според дејството. Вирусот од тип Б, иако според дејството е послаб, се смета за потенцијално поопасен бидејќи може да го нападне срцевиот мускул и да предизвика инфекција со тешки и долготрајни последици.
Коксаки од тип А се нарекува и болест на рацете, стапалата и устата, додека вирусот од тип Б најчесто предизвикува главоболки, треска, болки во стомакот и белодробни тегоби. И двата вида коксаки можат да предизвикаат и менингитис (воспаление на мозокот), миокардитис (воспаление на срцевиот мускул) и перикардитис (воспаление на срцевата обвивка).
Коксаки се пренесува единствено преку фекално-орален пат, па затоа и се нарекува „болест на нечисти раце“. Вирусите се излачуваат преку столица и се внесуваат орално (преку уста), односно преку нечисти раце кои не се добро измиени при случаен допир на фецес или столица во која ги има. Тоа најчесто се случува при менување пелени, чистење детски нокшири или тоалетни школки.