Обвинителката бара пресуда за Заев за барање а не за примање поткуп

819

На рочиштето на кое обвинителството и одбраната на Зоран Заев во случајот „Поткуп“ требаше да ги дадат завршните зборови, обвинителката Валентина Беслимовска направи измена и дополнување на обвинителниот акт. Наместо за примање поткуп таа даде обвинителен предлог Заев да биде осуден за кривичното дело 357 став два односно за барање поткуп. За ова дело е предвидена затворска казна од една до пет години.

Таа рече дека во текот на судењето не било докажано дека Заев примил поткуп, како и дека сведокот бизнисменот Иван Николов самиот кажал дека ниту тој дал ниту Заев зел пари, односно дека обвинетиот Заев побарал, а сведокот ветил.

Исто така, таа рече дека Николов неколку пати го менувал исказот. Прво рекол дека за приватизација за земјиште му се биле побарани 3 евра дополнителни по квадрат, па дека едно евро за Заев, едно за СДСМ, едно за црквата, потоа по едно евро за Заев и едно за црквата.

– Нема константност во неговото сведочење, но во сите искази се протнува една нишка дека Заев барал да изврши службено дејствие кое морал да го изврши и за тоа барал награда. Донацијата која претставува слободна волја на граѓаните никако не треба да се поврзува со службено дејствие кое е должност да се изврши – рече обвинителката.

Откако таа направи промена судечкиот совет се повлече да го разгледа предлогот, а и адвокатите на Заев побараа пауза од 15 минути пред и тие да ги кажат завршните зборови.

За делото примање поткуп предвидена е казна од 4 до 10 години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...