Заев на Самитот ЕУ-Западен Балкан

121

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти е тема на Самитот на Европската унија за Западен Балкан, кој ќе се одржи задутре во Софија, а на кој ќе присустува македонска владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев.

На Самитот, што се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ, ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и регионот.

Со Самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.

Премиерот Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Conectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на држави и влади со највисоките претставници на телата на ЕУ ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

На маргините на Самитот, како што соопшти владината прес-служба, Заев ќе има билатерални средби со повеќе премиери и шефови на држави.

Предвидена е средба на Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Планирани се билатерални средби со претседателот на Франција Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте.

Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас.

Заев е поканет да учествува и да земе збор и на повеќе други активности и конференции што се одржуваат паралелно со Самитот на ЕУ во Софија.

Претседателот на Владата на РМ Заев на 16 мај ќе се обрати на конференцијата „Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“, во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски Фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС).

За време на престојот на Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка.

Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...